Имавме одлична можност да седнеме зад управувачот на жешкиот, 280-коњски хот хеч на Ford – новиот Focus ST!
Дискусијата за било кој хот хеч започнува на сличен начин – хот хеч (или хот хечбек, ако сакате) би требало да биде автомобил кој ќе успее да се пронајде во неколку различни улоги – истовремено да биде автомобил за до продавница или до пазар, да биде практичен семеен транспортер, да биде нормален автомобил во секојдневниот градски метеж, но и крстосувач на подолги релации – и да успее за викенд (или кога и да посакате) да извлече огромна насмевка на лицето на возачот.
Дали тоа звучи како нешто кое е неостварливо? Можеби. Во фантазиите, сите ние возиме супер-спортски автомобил – но во овој, вистинскиот свет, работите се малку поинакви. И токму тука „улетува“ жешкиот хечбек, односно нашиот хот хеч.
Кога пред неколку години во Келн ја возев минатата генерација на Ford Focus ST, реков дека е цивилизиран хулиган. Тоа име го оправдав со неговата „дволичност“ – можноста да биде сосем нормален автомобил во еден момент, но и можноста да биде брз, динамичен и спортски хечбек во следниот. Дали новиот Focus ST успева да го направи тоа, но и многу повеќе? Ајде погодете од прва.
Наместо да зборувам прво за дизајнот, прво ќе зборувам за моторот
Наместо како што вообичаено правам– прво да зборувам за дизајнот – сега ќе го прекршам тоа правило и ќе зборувам за погонот на Focus ST. Под поклопецот се крие 2.3-литарскиот EcoBoost турбо-бензинец – да, истиот оној кој се вградуваше во минатата генерација Focus RS, но и во Mustang EcoBoost – кој во оваа конфигурација испорачува моќни 280 коњски сили и 420 Nm вртежен момент. Силата ја испорачува кон предните тркала преку (во овој случај) мануелен менувач со шест брзини и сето тоа резултира со спринт до 100 километри на час за само 5.7 секунди и максимални 250 километри на час.
2.3-литарскиот EcoBoost е вистински ѕвер – едноставно, тешко е да се најде друг збор да се опише турбо-бензинецот во Focus ST. Во оној момент кога ќе ја „закопам“ педалата за гас длабоко во патосникот, моторот реагира подготвено и ентузијастички и јас сум едноставно залепен во седиштето. Инженерите на Ford повторно го демонстрираат својот талент – и 2.3-литарскиот четири цилиндерски турбо-бензинец е вистински скапоцен камен. Браво.
Ја напуштам предефинирата рута и одам во потрага по возбуда
Магијата продолжува и со управувањето – кога за прв пат го возев новиот Focus во Франција минатата година, кажав дека е пораснат и поцивилизиран, и истиот тој коментар може да се каже и за новиот ST – но немојте да помислите дека Focus ST изгубил од своите таленти.
Храбро ја напуштам предефинирата рута и одам во потрага по возбуда. По само неколку минути наоѓам празен, кривулест планински пат каде полесно можам да го извлечам вистинскиот талент од Focus ST. Го насочувам кон свиок и тој ја менува насоката подобро од било кој друг хот хеч кој сум имал можност да го возам.
Низ управувачот се чувствува како големите тркала се борат со законите на физиката за да пренесат 280 коњски сили и да управуваат во истото време – но Focus ST граби кон секој свиок со ентузијазам кој би го очекувале кај автомобил со погон на задните тркала. Сето тоа резултира со скоро непостоечко подуправување – а дури може да се добие и надуправување ако знаете како да заиграте со управувачот.
Друг интересен момент е системот за автоматско додавање на „меѓугас“ кога одам во понизок степен на пренос – „финта“ која ја прават добрите возачи, и која прави да изгледате како да сте најдобриот возач на светот. А сето тоа е проследено со моќен, длабок звук кој му доликува на еден хот хеч.
Како се постигнува сето тоа? Во новиот Focus ST се „фрлени“ сите нови технологии кои Ford ги нуди, а дел од приказната е и волшебното ST копче на управувачот кое кога ќе го притиснам се затега суспензијата, се заострува управувањето и моторот се подготвува за инстантни реакции. А да, и овозможува вулгарни и гласни пукања низ цевките на издувниот систем, кои во кои едноставно сум заљубен и тврдам дека треба да ги има во секој автомобил – ако ништо друго, да можете да им додевате на соседите. Како што јас им додевав на гостите во хотелот во кој престојував. Извинете!
Инаку, Focus ST добива и дискретно ревидиран бодикит, пониска суспензија, прекрасни големи (еднобојни!) тркала, поагресивен заден браник со голем заден дифузер и два завршетоци на издувниот систем, како и очекуваните ST значи. Фантастичната портокалова боја (Orange Fury) на нашиот примерок е ексклузивна за Focus ST, а ексклузивни се и 19-инчните тркала. Добива и огромен заден спојлер кој одлично ја дооформува линијата на спортскиот хечбек. Сето тоа резултира со автомобил чиј дизајн има јасна намера – да ги разбуди емоциите и да направи да посакате да го возите. И успева во тоа.
Нема компромиси во кабината
Ја отворам вратата и препознавам дека и кабината на Focus ST добива малку од ST-магијата. Првата работа која паѓа во очи се супер-комфорните спортски RECARO седишта со огромни странични зајакнувања кои успешно го држат мојот задник на место во свиоците.
Управувачот е со зарамнето дно, а контрастните опшивки на седиштата (кои можете да ги добиете во неколку различни бои) едноставно изгледаат спортски. Инаку – остатокот е како кај секој друг Focus – а тоа значи дека Focus ST комфорен, практичен и просторен автомобил.
Focus ST ги прави просечните да изгледаат подобро, а ги наградува вистински добрите
Focus ST секогаш бил хот хеч кој ги прави просечните возачи да изгледаат подобро, а ги наградува оние вистински добрите. Инженерите на Ford знаат да направат автомобил кој има одлично управување и кој нуди импресивни перформанси – и повторно успеале да го направат тоа со новиот Focus ST. Инженерите (или уште подобро, магионичарите) на Ford направиле хот хеч кој е на самиот врв во својата класа – и кој успева да биде и практичен секојдневен автомобил, и адреналинска инекција кога тоа ќе го побарате од него.
Спецификации
Модел: | Ford Focus ST 2.0 280 |
Мотор: | 2.3-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри |
Моќност: | 280 коњски сили / 5500 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 420 Nm / 3000 вртежи во минута |
Менувач: | Мануелен, 6 брзини |
Забрзување 0-100 км/ч: | 5.7 секунди |
Максимална Брзина: | 250 километри на час |
Должина: | 4378 mm |
Ширина: | 1825 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1454 mm |
Тежина: | 1433 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2649 mm |
Багажен Простор: | 375 – 1690 литри |
Повеќе Информации: | Ford.mk |