Alpina го претстави тјунинг пакетот за караванската изведба на најновата генерација на BMW Серија 3, пред седанската верзија.
Со максимална брзина од над 300 км/ч и веднаш класифициран како еден од најбрзите каравани на пазарот моментално, B3 Touring дебитираше на автомобилскиот саем во Франкфурт, во препознатливата темно зелена металик боја, поставен на големите 19-инчни фелни со 20 краци.
Тој е погонуван од доработена верзија на 3.0-литарскиот агрегат од стандардната Серија 3 Touring. Силата на моторот е зголемена благодарение на изменети турбополначи, нов софтвер за контрола на агрегатот и подобрен систем за воздушно ладење. Резултатите од ова се 462 кс достапни при 3,000 вртежи во минута, додека максималниот вртежен момент изнесува 700 Nm.
Шест-цилиндарскиот бензински агрегат е усогласен со осум-степен автоматски менувач, модифициран да врши побрзи промени. Тој ја испорачува силата кон сите четири тркала преку xDrive систем за погон на сите тркала со целосно варијабилна распределба на вртежниот момент помеѓу двете оски. За подобрена тракција во сите услови ќе се грижи електронски-контролиран диференцијал со ограничено пролизгување.
За жал, Alpina не објави детали за времињата на забрзување на новиот B3 Touring, но беше доволно горда да ги објави бројките за економичност на возилото. Мерено по WLTP циклусот, брзиот караван троши 11.1 литар на 100 километри со емисија на CO2 издувни гасови од 252 грама на километар.
Продажбата на новиот B3 Touring ќе започне од втората половина на 2020. Книгата со нарачки ќе биде отворена во првата четвртина на следната година.