Audi најави дека RS семејството ќе се зголемува – и најновиот модел кој го гледаме е токму RS 7 Sportback кој ќе ја напаѓа конкуренцијата со 600 коњски сили и 800 Nm вртежен момент!
„RS 7 Sportback е нашата интерпретација за купе со пет врати со високи перформанси и GT дизајн“ – изјави Oliver Hoffman, управниот директор на Audi Sport GmbH, и додаде – „Со дополнителна рафинираност за да се олесни секојдневното користење, плус неверојатните перформанси – она кое го имаме е исклучително парче спортска опрема за оние клиенти кои сакаат нивните автомобили да имаат импресивен дизајн.“
Новиот RS 7 Sportback го користи истиот 4-литарски твин-турбо TFSI V8 кој го добива и караванот RS6 Avant. Моторот испорачува 600 коњски сили и 800 Nm вртежен момент кои се пренесуваат кон подлогата преку 8-брзински автоматски менувач и quattro погон на сите четири тркала. Резултат на сето ова? Спринт до 100 километри на час за само 3.6 секунди и електронски-ограничена максимална брзина од 250 километри на час – но „направете муабет“ со момците и девојките од Audi и нарачајте го Dynamic пакетот, и максималната брзина расте на 280 километри на час, односно 305 километри на час со Dynamic Plus пакетот.
Повторно, исто како RS6 Avant, и RS 7 Sportback добива воздушна суспензија, a може да биде нарачана и RS Sport суспензија. Сето ова гарантира врвна агилност, и покрај големината на автомобилот. RS7 Sportback веќе е 20 милиметри понизок од регуларниот A7 Sportback, а при брзини над 120 километри на час автомобилот се спушта дополнителни 10 милиметри. Плус, ја имате опцијата да ја подигнете каросеријата 20 милиметри, за полесно да влегувате во вашиот двор, итн.
Сепак, RS 7 Sportback најлесно ќе го препознаете преку спектакуларниот дизајн – на предниот дел доминираат огромната црна маска на ладилникот и отворите за воздух. Стандардно ќе добиете огромни, 21-инчни тркала, а можете да нарачате и 22-инчни RS тркала со уште „полепливи“ гуми. На задниот дел агресивноста ја истакнува црниот дифузер поставен на задниот браник, а неговата агресивност ја дополнуваат огромните завршетоци на издувниот систем.