Премиера: Mercedes-Benz ги претстави новите GLE Coupe и GLE 53 Coupe – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Mercedes-Benz ги претстави новите GLE Coupe и GLE 53 Coupe

Целосно новите GLE Coupe и GLE 53 Coupe ќе се борат со останатите големи премиум SUV-coupe модели.

Дизајнот на новите SUV-coupe модели на Mercedes-Benz и Mercedes-AMG уште повеќе ги истакнуваат купеовските линии. Предниот дел добива поубедлив лик со изразена маска на ладилникот и LED светла – но сепак најважниот новитет е токму на задниот дел со динамичната кровна линија. Тенките задни светла ја дополнуваат купеовската линија, а спортскиот лик го заокружува интегрираниот заден спојлер. Инаку, GLE Coupe е цели 60 милиметри пократок од стандардниот GLE – а со тоа уште повеќе се потенцираат спортските аспирации на новиот модел.

Кабината на GLE Coupe е скоро идентична како кај GLE и примарниот фокус е на двата 12.3-инчни екрани – едниот за возачот, другиот на централната конзола. Меѓу другото, GLE Coupe добива и спортски управувач и спортски седишта, како и мал грст други спортски детали. Нема да недостасува ни простор во багажникот – на располагање имате 655 литри со исправени задни седишта, односно дури 1790 литри доколку ја спуштите задната клупа.

 

Европските купувачи ќе можат да изберат меѓу две варијанти на шест-цилиндерскиот турбодизел – првата е GLE Coupe 350d 4Matic со 272 коњски сили и 600 NM вртежен момент, а втората е 400d 4Matic со 330 коњски сили и 700 Nm вртежен момент. Обете верзии користат 9G-TRONIC автоматски менувач кој ја пренесува силата кон сите четири тркала.

Доколку сакате бензинец, тука е моќниот Mercedes-AMG GLE 53 Coupe кој користи хибриден погон и 3-литарски турбо-бензинец за да испорача вкупно 435 коњски сили и 521 Nm вртежен момент, а EQ Boost стартер-генераторот на кратки интервали може да испорача дополнителни 22 коњски сили и 250 Nm вртежен момент. Сето тоа резултира со „стотка“ за 5.3 секунди и максимални (електронски ограничени) 250 километри на час.

Поврзано:  Mercedes-Benz CLE Cabriolet пристигна во салонот на Мак Аутостар


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.