ТЕСТ: Škoda Scala 1.0 TSI 115 Ambition – Важен нов играч во сегментот! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Škoda Scala 1.0 TSI 115 Ambition – Важен нов играч во сегментот!

Со Scala, Škoda влегува во високо-компетитивен сегмент каде ќе треба да се соочи со докажани ривали кои имаат лојални купувачи. Дали Scala го има потребното за да го пронајде своето место на пазарот?

Ќе ја започнеме дискусијата за Scala директно со прашањето – дали Scala е најважниот нов автомобил оваа година?

Дозволете ми да објаснам. Прашањето го поставувам заради промените кои се случуваат во автомобилската индустрија кои директно влијаат на сите автомобили, не само на сегментот во кој припаѓа Scala. Но можеби токму сегментот во кој припаѓа Scala е најсилно притиснат од сè поголемата популарност на SUV моделите, легислативите кои бараат сè понапредни и понапредни системи за безбедност и чисти мотори, како и силната конкуренција која (разбирливо) не е баш расположена да дозволи да се појави нов натпреварувач во класата. Автомобилите во овој сегмент стануваат сè поскапи и поскапи, а купувачите сè повеќе ги ценат bang-for-buck односот (односно, вложено-добиено по нашки) и рационалноста.

И токму тука – Škoda секогаш го имала приматот. Чешката дивизија на Volkswagen групацијата секогаш нудела продукти кои ги повлекуваат рационалните нишки на купувачите и се наметнуваат како логичен избор. Плус, Škoda многу добро си ја „завршува“ домашната работа и знае што бараат и што сакаат купувачите, и секогаш нуди продукт кој ќе ги таргетира баш тие купувачи. Значи, најважниот нов автомобил оваа година? Можеби, можеби…

Привлечна интерпретација на дизајнерската насока на Škoda

Сега, ајде да зборуваме за карактеристиките на Scala. Како и секогаш – прво за дизајнот. Scala од една страна верно ги следи оние, малку конзервативните дизајнерски насоки на Škoda, но истовремено храбро воведува некои нови елементи и детали кои иако можеби иако не ја прават Scala најмодерниот автомобил во сегментот, сепак ѝ даваат уникатен и привлечен лик.

На предниот дел доминираат широката маска на ладилникот и светлата кои на автомобилот му даваат хоризонтален лик. Директно под нив е отворот за воздух во браникот во кој се интегрирани и светлата за магла. Од горниот агол на светлата започнува изненадувачки острата карактерна линија која се провлекува околу Scala и завршува директно во задните светлосни групи. Профилот на Scala е малку издолжен (дури и малку „караванест“), но одлично изгледаат 17-инчните тркала и дискретниот заден спојлер. Scala е првиот модел кој наместо традиционалното лого на чешкиот бренд го добива самото име на Škoda поставено на задниот дел.

Сè на сè – Scala изгледа сосем коректно и ненаметливо, со дизајн кој успева да го привлече вниманието без да биде вулгарен и потенцијално да изгледа застарен за само неколку години.

Поврзано:  Новиот Škoda Superb пристигна во Македонија!

Комфорна кабина со многу простор

Можеби најголемиот чекор напред е токму ентериерот на Scala. Поточно – дизајнерите направиле успешна комбинација на модерни дизајнерски елементи со некои олд-скул детали. На пример, на централната конзола е поставен прилично голем мултимедијален уред со одлична резолуција, а инструментите се вистинско освежување, бидејќи се олд-скул аналогни! (Еееех, кој би рекол дека ќе се радуваме на аналогни инструменти?) Ергономијата е очекувано одлична – сите команди и контроли се онаму каде очекувате да бидат, седиштата се комфорни и нудат сосем доволно странична поддршка и генерално – рационалноста и логичноста и тука преовладуваат.

Материјалите кои се користени во кабината се со повеќе од задоволителен квалитет – скоро сè што редовно ќе допирате е обложено со мека гума или квалитетна пластика, а управувачот, менувачот и рачната сопирачка се обвиени во кожа. Единствената забелешка која ја имаме е кон мануелниот клима уред – но бидејќи се работи за Škoda, доплатата за автоматски клима уред сигурно е ниска.

Моментот каде Scala е најверојатно без конкуренција во класата е просторната понуда. Всушност, Scala ја прави истата „финта“ која ја прават и Octavia и Superb – успева во класата да наметне просторна понуда која би ја очекувале од возила кои се можеби една класа поголеми, а купувачите го препознаваат и го ценат тоа.

Зголемената просторна понуда е најзабележлива на задните седишта и во багажникот. Ако кај некои директни (и индиректни) конкуренти во сегментот на задната клупа е тесно, кај Scala е сосем спротивно – на задните седишта ќе имате повеќе од доволно простор како за колената, така и за главите на патниците, а притоа нема да седат „исправени“ како на барска столица, туку фино и комфорно ќе патуваат и на подолги дестинации.

Поврзано:  Skoda се поздравува со минатиот Superb со специјален примерок со скоро 500 коњски сили!

Багажникот? Со исправени задни седишта добивате 467 литри (околу 100-тина литри повеќе од она кое е просек во класата), а доколку ги спуштите седиштата имате на располагање импресивни 1410 литри. Секако – бидејќи се работи за Škoda – ги добивате и оние Simply Clever практични додатоци – гребалката за мраз кај полначката за гориво, држачот за картички за паркинг на ветробранското стакло, чадорот во возачката врата (што е ова, Rolls Royce?) и другите ситници кои ја прават Škoda да биде Škoda.

Главниот збор кај Scala го има комфорот

Но каква е Scala зад управувачот? Децидно комфорна, каква што и треба да биде. Суспензијата на Scala успешно ги рафинира нерамнините од нашите патишта и скоро ништо не успева да го наруши комфорот во кабината – и тоа на 17-инчните тркала со кои беше опремен нашиот тест-автомобил. Од друга страна, управувањето е доволно директно и прецизно за да можете самоуверено да ја насочите Scala кон свиоци. Сепак, не очекувајте спортски перформанси – нив едноставно не им е местото тука – Scala е практичен, семеен, комфорен хечбек.

Збор-два и за одличниот 1-литарски TSIтурбо-бензинец. Три-цилиндерскиот мотор испорачува 115 коњски сили при 5000 вртежи во минута и 200 Nm вртежен момент од 2000 до 3500 вртежи во минута. Компактниот бензинец овозможува 100 километри на час да пристигнат за 9.8 секунди, како и максимална брзина од 201 километар на час. Во комбинација со прецизниот 6-степен мануелен менувач, Scala за време на нашето тестирање трошеше ситно над 7 литри на 100 километри во градски услови. Истовремено, моторот нуди сосем доволно моќност за безбедно и мирно крстосување и на отворен пат. Доколку сакате повеќе, наскоро ќе биде достапен 1.5-литарскиот TSI кој има четири цилиндри и нуди 150 коњски сили.

Scala е многу, многу повеќе од само „наследник на Rapid“

Не ни се допаѓа она кое го кажуваат многумина – дека Scala е „наследник на Rapid“. Тој епитет едноставно не е доволен. Scala прави огромни чекори нанапред (и ги изнудува неизбежните клише изјави дека е „скалило погоре“) и во најмала рака е поголема, поставена на понова платформа, со значително поквалитетен ентериер и попривлечен дизајн. Сето тоа ја прави многу, многу повеќе од само „наследник на Rapid“.

Набрзина за опремата – Scala стандардно доаѓа со многу опрема, без разлика на нивото кое ќе го одоберете. Меѓу другото, ќе напоменеме дека доаѓа со мануелен клима уред, електрично задвижување на сите прозорци, електрично задвижување и загревање на страничните ретровизори, 6.5-инчен мултимедијален уред, управувач, менувач и рачна кочница обвиени во кожа, еден куп системи за активна и пасивна безбедност, како и воздушни перничиња, 16-инчни тркала, систем за одржување на коловозната лента и многу, многу повеќе. Дополнително, нашиот тестен автомобил дојде со металик сина боја, 17-инчни тркала, Bolero радио со 8-инчен дисплеј, Smart Link, паркинг сензори и уште неколку ситници…

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Škoda го претстави целосно-електричниот Elroq

Ајде да пробаме да го одговориме прашањето кое го поставивме на почетокот – дали Scala е најважниот нов автомобил оваа година? Одговорот започнува со аргументот дека кога Škoda прави нешто, го прави тоа со многу внимание и без непотребни ризици, а конкурентите внимателно ги отвораат очите. Инженерите и дизајнерите на Scala внимателно ги послушале купувачите и нивните специфични потреби, и успеале да испорачаат автомобил кој ги „штиклира“ сите рационални побарувања. На крајот, одговорот завршува со фактот дека Scala е модерен, добро-опремен, комфорен, просторен, безбеден и практичен семеен автомобил – и на крајот на денот, нели токму тоа е она кое им треба на најголемиот дел од купувачите?

Видео

Димензии

Спецификации

Модел: Skoda Scala 1.0 TSI 115 Ambition
Мотор: 1-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 115 коњски сили / 5000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 200 Nm / 2000 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 9.8 секунди
Максимална Брзина: 201 километри на час
Должина: 4362 mm
Ширина: 1988 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1471 mm
Тежина: 1209 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2649 mm
Багажен Простор: 467 – 1410 литри
Потрошувачка: 7.3 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Skoda Scala 1.0 TSI 95 Ambition – 14.560 Евра
Цена на тестираниот модел: Skoda Scala 1.0 TSI 115 Ambition – 16.720 Евра
Повеќе Информации: Škoda.com.mk

Фотографии

Фотографија: CARclub.mk & Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.