ТЕСТ: Mazda 3 2.0 Skyactiv-G Mild Hybrid – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Mazda 3 2.0 Skyactiv-G Mild Hybrid

Mazda неодамна ја претстави најновата генерација на супер-популарната „Тројка“ и со неа воведува многу нови технологии – а ние поминавме неколку денови токму со лајт-хибрид изведбата на јапонскот хечбек.

Пристапот кој Mazda го има кон нештата секогаш бил малку… Поинаков. Поточно, ајде вака – во време кога сите производители започнаа со трендот на „даунсајзинг“ на моторите, јапонскиот бренд одлучи да ја игнорира оваа насока и да развие мотори кои се со поголем капацитет, но истовремено успеваат да ги исполнат сите еко-стандарди. А потоа одлучија да отидат уште подалеку и да го понудат иновативниот Skyactiv-X мотор кој користи бензин како погонско гориво, но користи притисок за детонирање на горивото – како што всушност прават дизелските моторе.

Но сепак, ајде за тоа малку подоцна. Прво да зборуваме за дизјанот. Новата Mazda 3 верно ги следи дизајнерските насоки на јапонскиот бренд, но ние ќе кажеме дека во моментов е убедливо најпривлечниот модел на Mazda и можеби еден од најубавите вакви модели кои воопшто се нудат на пазарот.

Дали новата Mazda 3 е еден од најубавите модели кои во моментов се нудат во овој сегмент?

Предниот дел е низок и остар (повторно, спротивно на тековните трендови), а црниот дел кој ги спојува предните (изненадувачки тенки) светлосни групи на јапонскиот хечбек му дава „маскиран“ лик. Особено ни се допаѓа чистотата на формите и линиите – на предниот дел дури нема конвенционални светла за магла и воопшто целата форма на Mazda 3 е некако ослободена од непотребни форми – а тоа го прави овој дизајн безвременски и чист.. Да не се навреди некој ако речеме дека изгледа некако… Италијански?

Профилот на Mazda 3 продолжува со истата приказна за едноставност и динамичност – кровната линија е изненадувачки ниска а задниот спојлер само дополнително го истакнува тоа. На задниот дел се издвојуваат светлата – тие повторно се тенки и соодветно димензионирани, а „очите“ кои се дел од нив навистина изгледаат несекојдневно. Задниот дел убаво го заокружуваат завршетоците на издувниот систем кои – види, можело – не се лажни! Сè на сè, Mazda 3 во нашите очи изгледа од-лич-но – а сликата за привлечниот дизајн ја заокржуваат големите 18-инчни тркала и фантастичната длабока, богата црвена боја.

Спортски-дизајнирана кабина, одлични материјали и многу „играчки“

Се префрламе во кабината – и „од прва“ се забележува дека дизајнерите на Mazda поработеле на забелешките кои купувачите ги имаа на минатата генерација. Целата конзола е изразено-хоризонтална, а со тоа кабината визуелно изгледа поширока. Директно пред возачот се поставени инструментите (кои се супер-лесни за разбирање) додека на централниот дел од конзолата е поставен мултимедијалниот уред со дисплеј со висока резолуција. Единствено можеби ќе забележиме на поставеноста на отворите на вентилација за совозачот – бараат малку повеќе нагодување за да го насочуваат воздухот онаму каде сакате.

Материјалите кои се користени во кабината се исклучително квалитетни и скоро и да не најдовме груби пластики, а за почит е и ергономијата – едноставно, сè е онаму каде очекувате да биде и сè се користи на оној начин на кој очекувате дека ќе се користи. На пример – ни се допаѓа фактот дека контролите за клима-уредот се конвенционални (а не вградени во мултимедијалниот уред).

Возачката позиција е одлична – се седи ниско и спортски. Прегледноста е генерално добра – освен можеби кон задниот дел, но тоа е цена која сме подготвени да ја платиме за да го добиеме дизајнот на Mazda 3. Плус, маневрирањето и паркирањето е олеснето благодарение на паркинг-камерата и дисплејот со висока резолуција, па немавме никаков проблем при паркирање дури и на тесните градски паркинг-места.

На задната клупа има доволно (но не премногу) простор. Сепак, просторот на задната клупа е во рамките на просекот на класата, а истата приказна важи и за багажникот – на располагање имате 351 литар, односно 1026 литри со спуштени задни седишта.

Што всушност значи Mild Hybrid?

Ајде сега малку за технологиите. Како што можете да забележите на фотографиите, нашиот тестен модел носи ознака Mild Hybrid. Што всушност значи тоа? Па, наједноставно кажано, значи дека во конкретниот случај користи 2-литарски атмосферски бензинец кој добива напреден стартер-генератор и мала литиумска батерија. Во литиумската батерија се складира енергија која се добива при сопирање, за потоа да се искористи за стартување и забрзување.

Можеби звучи комплицирано – но не е, а во возење се чувствува како Mazda 3 да располага со повеќе од декларираните 122 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 213 Nm вртежен момент достапни од 4000 вртежи во минута. Силата (во конкретниот случај) се пренесува кон предните тркала преку прилично рафиниран 6-степен мануелен менувач, но нема да згрешите дури ни ако го изберете мануелниот менувач – тој е супер-прецизен и „мерак“ за користење. Сето тоа резултира со забрзување од 0 до 100 километри на час за 10.8 секунди и максимални 197 километри на час.

Не смееме да го заборавиме ниту системот за деактивација на цилиндрите. Во услови кога „крстосувате“ – на пример, кога возите со константна брзина на автопат – моторот на Mazda 3 „гаси“ два од четирите цилиндри – и сето тоа го прави со цел да заштеди гориво. Колку да заштеди? Па, за време на неколкудневното дружење со новата Mazda 3 ние измеривме просечна потрошувачка од околу 8.2 литри на 100 изминати километри во градски услови, односно нешто над 6 литри на отворено – повеќе од респектабилни бројки.

А што е со Skyactiv-X? Технологијата е несомнено интересна – во зависност од режимот на возење, моторот се префрла меѓу два начини на детонирање на горивото – класично со користење на свеќички, или пак дизелски со помош на компресија. За жал немавме можност да го пробаме овој мотор – но се надеваме дека наскоро ќе се пружи можност и за тоа.

Mazda 3 е супер-директна и стабилна, без наклонетост кон подуправување

Инаку, каква е Mazda 3 зад управувачот? Супер-прецизна и забавна. Секако, и тука технологиите имаат вмешано прсти, а кај Mazda тоа се вика G-Vectoring Control Plus. Овој систем интелигентно го манипулира испорачување на вртежен момент, како и прикочувањето на одредени тркала во свиок со цел да нема нагласена реакција на системот за контрола на стабилноста – а тоа резултира со подинамично возење.

Во реалностa, нема ни да почувствувате дека системот работи, но сигурно ќе забележите дека Mazda 3 „граби“ од свиок во свиок без да има никаква наклонетост кон подуправување. Суспензијата (и покрај 18-инчните тркала) успева прилично цивилизирано да ги „испегла“ нерамнините без да пренесе несакани вибрации во кабината.

Многу, многу опрема, врвна безбедност

Набрзина и за опремата – нашата тестна Mazda 3 дојде во највисокото ниво на опрема. Тоа значи дека полесно би било да напишеме што фали, наместо што има во неа, но сепак ќе ги напоменеме најважните работи – седишта обвиени во кожа, Bose премиум аудио уред, навигација, камери и сензори за паркирање, автоматски менувач, 18-инчни тркала, адаптивен темпомат, автоматски клима уред, keyless отворање и стартување на автомобилот и многу, многу повеќе…

Заклучок: Mazda 3 е хај-тек чекор напред во сегментот.

Ајде да заокружиме – новата Mazda 3 е хај-тек чекор напред во сегментот. Пристапот кој Mazda го има во однос на погонските единици, во комбинација со супер-директното управување и одличниот (барем во нашите очи) дизајн резултира со еден од најинтересните модели во класата.

Од „сто километри“ се гледа дека шасијата е подготвена да издржи барем уште 100-тина коњски сили, без притоа да бидат нарушени рафинираноста и комфорот. Секако, има некои компромиси кои мора да бидете подготвени да ги направите – но ако ги направите, ќе бидете наградени со еден од најинтересните нови модели во класата.

Спецификации

Модел: Mazda 3 Hatchback 2.0 Skyactiv-G Mild Hybrid Auto
Мотор: 2-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 122 коњски сили / 6000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 213 Nm / 4000 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 6 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 10.8 секунда
Максимална Брзина: 197 километри на час
Должина: 4460 mm
Ширина: 2028 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1435 mm
Тежина: 1375 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2725 mm
Багажен Простор: 351 – 1026 литри
Потрошувачка: 8.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Mazda 3 Hatchback Comfort – 21.480 Евра
Цена на тестираниот модел: Mazda 3 Hatchback 2.0 Skyactiv-G Mild Hybrid Auto – 30.980 Евра
Повеќе Информации: Mazda.mk

Фотографии

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.