ПРЕМИЕРА: Електричниот MINI Copper SE ќе може да помине до 270 километри со едно полнење – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Електричниот MINI Copper SE ќе може да помине до 270 километри со едно полнење

Минатата седмица MINI го лансираше својот прв целосно-електричен модел – кој ја носи ознаката Cooper SE, и ќе може да помине до 270 километри со едно полнење.

Малиот MINI Cooper SE не може да биде ништо друго освен MINI – формата е веднаш препознатлива, но сепак има детали кои се уникатни за електричната верзија. Ќе забележите MINI Electric лого, уникатни тркала, контрастни детали во жолта боја и уште некои ситници – но на крајот на денот – ова е несомнено MINI.

Инаку, компактниот градски автомобил користи електромотор кој испорачува 184 коњски сили, како и 270 Nm вртежен момент. Силата се пренесува кон предните тркала преку трансмисија со интегриран диференцијал, а според официјалните податоци Cooper SE може да стигне до 100 километри на час за 7.3 секунди, како и да постигне максимална брзина од 150 километри на час. Како што е и наложено според новите закони, Cooper SE емитира звук од специјални звуници – кои според MINI испуштаат „акустично искуство кое е типично за MINI.“

Батеријата е со капацитет од 32.6 kWh, и може да биде наполнета до 80% за нешто повеќе од два часа со стандардниот полнач, а доколку користите брз полнач истото полнење се постигнува за само 35 минути. На возачите им се достапни четири режими на возење – Sport, Mid, Green и Green+. Како што и очекуваме – Sport режимот е наменет за подинамично возење, додека Green и Green+ се насочени кон поефикасно возење.

Електричното MINI е најава за интересна иднина кај британскиот бренд, кој е дел од BMW групацијата. Од MINI не ја исклучуваат можноста да станат целосно-електричен бренд, но сепак кажуваат дека тоа не е нешто кое би се случило во блиската иднина.

Поврзано:  Mini претстави бензинска верзија на спортскиот John Cooper Works


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.