Историскиот автомобил со најголем мотор во историјата на автомобилизмот повторно ги рашири пламените пред големата публика на фестивалот на брзината.
Моделот Fiat s76, наречен „Ѕверот од Торино“, е автомобил произведен во 1910 година од Италијанската компанија со специјална цел да го сруши рекордот за максимална брзина, кој во тоа време го држел моделот Blitzen Benz. Тој бил погонуван од огромен мотор со зафатнина од 28 литри, со сила од 290 кс при 1900 вртежи во минута. Во тестовите за максимална брзина Fiat S76 поставил нов рекорд со постигната брзина од 213 км/ч.
Автомобилот бил произведен само во два примероци. Првиот примерок имал бурна историја, променил многу сопственици, учествувал во трки и претртпел судир, по кој не бил реставриран. Вториот примерок бил продаден на Рускиот Принц Борис Сукханов, во чија сопственост и останал. Во текот на неговото користење тој имал повеќе обиди за поставување на нов брзински рекорд, но тоа конечно го постигнал во Декември 1913 на патеката во Остенде, Белгија. Брзината била постигната во еден правец, но бидејќи му било потребно многу време за да ја постигне брзината и на враќање, се закитил само со неофицијална титула за најбрз автомобил во светот.
Во 2003 година, Данкан Питавеј го пронашол примерокот од Сукханов и го транспортирал во Велика Британија. Откако открил дека моторот од првиот примерок бил зачуван, тој го купил и започнал со реставрација на возилото. Со макотрпна работа и рекреирање на некои од деловите според оргинални цртежи од Fiat, конечно во 2015 тој бил завршен и прикажан на Goodwood. Годинава повторно продефилира и повторно изнуди воздишки и изненадувања од публиката.