Следната Opel Astra пристигнува во 2021 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Следната Opel Astra пристигнува во 2021

Иако Opel во моментов работи на фејслифтирање на тековната генерација на Astra, инженерите и дизајнерите на германскиот бренд веќе работат на следната генерација – која ќе пристигне за помалку од две години.

Самиот факт дека информацијата потекнува директно од Opel, и дека германскиот бренд зборува за следната генерација пред воопшто да го претстави фејслифтот на сегашната, зборува за сериозноста и вниманието кое е посветено на новиот автомобил. Од Opel пристигна соопштение за печат во кое се најавува дека следната генерација на популарната Astra ќе пристигне во 2021.

Прочитајте го нашиот тест на тековната Opel Astra.

Новата генерација ќе биде поставена на EMP2 платформата на PSA – што е сосем логично, со оглед на тоа дека Opel е дел од семејството на PSA, а францускиот концерн сака што е можно побрзо да ги префрли сите модели на Opel на свои платформи и да користат сопствени мотори (наместо платформи и мотори од GM). Дополнително, EMP2 платформата ќе овозможи да бидат понудени и хибридни, но и електрични варијанти на новата Astra. Истовремено, од Opel гордо соопштуваат дека новата Astra ќе се прави во фабриката во Риселхајм во Германија.

„Ова е важен чекор напред за фабриката во Риселхајм. Оваа инвестиција ќе ни овозможи да работиме во две смени и ќе ја обезбеди одржливата иднина на фабриката во Риселхајм“ – изјави претседателот на Opel, Michael Lohnscheller. Интересно е да се напомене дека во моментов, Astra се произведува во Полска и Обединетото Кралство, но PSA Group режи да направи значителни инвестиции во фабриката во Риселхајм, со што е подобрена ефикасноста на фабриката, а истовремено се зборува за можно затворање на фабриката во Обединетото Кралство поради Брегзит.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.