Opel одлучи прво да ја претстави Corsa во нејзината електрична изведба, а денес ги имаме сите детали за новата Corsa која ќе може да се нарача и со бензински или турбодизел мотор.
„Конвенционалните“ изведби на Corsa ќе можат да се добијат со неколку различни мотори. Основната изведба е со 1.2-литарски атмосферски бензинец кој испорачува 75 коњски сили. Ова е единствениот мотор без некакво турбополнење, и ќе може да се добие само со 5-брзински мануелен менувач.
Ако сакате повеќе сила, тука е 1.2-литарскиот турбо-бензинец кој може да испорачува 100 коњски сили и 205 Nm вртежен момент, или пак 130 коњски сили и 230 Nm вртежен момент. Послабата верзија може да се комбинира со рачен менувач со шест брзини, или пак автоматски менувач со 8 брзини. Посилната верзија може да се добие само со автоматскиот менувач – и ќе може да забрза до 100 километри на час за 8.7 секунди и да постигне максимални 188 километри на час.
Доколку сакате турбодизел, ќе можете да ја добиете новата Corsa со 1.5-литарски мотор кој испорачува 102 коњски сили и одлични 250 Nm вртежен момент.
Инаку, исто како и електричната Corsa за која веќе пишувавме, и обичната Corsa добива грст нови технологи – Matrix LED предни светла, напреден инфозабавен систем, седишта со масажа, и многу повеќе. Инженерите на Opel се фалат дека во својата најлесна изведба, Corsa ќе тежи само 980 килограми, што пак позитивно влијае на многу работи – од економичноста, сè до забавата во возењето. Дополнително, дизајнерите се фалат дека новата Corsa е цели 48 милиметри пониска од претходниот модел, без негативно да се влијае на просторот за главите на патниците – а тоа е постигнато преку седиштата кои се поставени цели 28 милиметри поблиску до асфалтот.
Сега за сега, ќе се нудат неколку различни нивоа на опрема – Edition, Elegance и GS Line. Понатаму се очекуваат и (за нас) поинтересните GSi и OPC модели кои ќе се борат со другите хот хеч модели во сегментот. Нарачките за новата Corsa во Германија ќе бидат отворени веќе од 1ви Јули.