ПРЕМИЕРА: Новиот Renault Zoe може да помине 390 километри со едно полнење! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот Renault Zoe може да помине 390 километри со едно полнење!

Малиот Zoe на францускиот производител Renault, не само што е најпродаваниот електричен автомобил во Европа, туку истовремено со новата генерација ветува навистина импресивна автономија.

Втората генерација на Renault Zoe ќе има потешка задача во однос на првата. Зошто? Затоа што кога Zoe за прв пат се појави на пазарот – немаше никаква конкуренција. Сега работите се малку поинакви – конкуренцијата доаѓа од сите страни – како од Peugeot и Opel преку е-208 и Corsa-e, така и преку помалите, но ништо помалку талентирани Skoda Citigo-e, Seat Mii Electric и Volkswagen e-Up, но и многу други брендови.

Сепак, Zoe има пар „асови во ракавот“. Ако ништо друго, купувачите се веќе навикнати на електричниот Renault и го препознаваат како навистина докажана опција. Од друга страна, новиот Renault Zoe ќе може со едно полнење да помине одлични 390 километри (според WLTP мерењата) благодарение на 30% поголема батерија во однос на моделот кој е во заминување.

Дополнително, доколку имате пристап до брз полнач (со капацитет од 50 kW) тогаш за само 30 минути ќе наполните доволно од батеријата за да поминете 145 километри. Во домашни услови, полнењето би траело 9 часа и 25 минути. Инаку, моторот нуди 135 коњски сили и 245 Nm вртежен момент. Забрзувањето до 100 километри на час трае рамно 10 секунди, а максималната брзина е 140 километри на час. Во понудата ќе остане и моторот од минатата генерација, кој нуди 110 коњски сили.

Дизајнот е директна еволуција на оној кај минатата генерација – па новиот Zoe е веднаш препознатлив. Сепак, добива затегнати предни и задни светла (кои користат LED технологија), нови бои, нови тркала и уште многу други ситници. Кабината добива значително освежување – подобрени се материјалите, како и мултимедијалниот уред.

Поврзано:  Новиот Symbioz пристигна во салонот на Renault во Скопје

Интересен новитет е и B-режимот, кој овозможува да го возите вашиот Zoe само со една педала. Секако, Zoe ги добива и сите системи за безбедност кои Renault ги нуди, а интересна е и можноста да го контролирате вашиот Zoe преку вашиот мобилен телефон – можете да нагодите термин за стартување на клима-уредот, да ја проверите батеријата или статусот на полнење, итн.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.