Pagani – италијанскиот производител на ултра-ексклузивни хипер-автомобили – од неодамна почна да се занимава со реставрации на својот прв модел – спектакуларната Zonda.
За прв пат претставена во сега далечната 1999 година, најстарите примероци на Zonda се веќе 20 години стари! Знаејќи дека е автомобил кој неизмерно добро си ја задржа цената низ годините, сопствениците на Zonda гледаат и финансиска исплатливост и во реставрирање на своите миленичиња.
Pagani им излегува во пресрет и им нуди две опции – фабричка реставрација или пак „не постојат невозможни желби доколку имате пари“ реставрација. Последниот клиент кој се одлучува на реставрација ја избира втората опција и од Pagani му изработуваат рендери на кои се гледа најекстремната Pagani Zonda која сме ја виделе, Pagani Zonda „Zun“.
Прво, виолетова е. Второ, има карбонски детали насекаде! Преден поклопец на багажен простор со уникатни карбонски воздушни канали, карбонски сплитер, карбонски аеро-завршетоци на браниците, карбонски канали за всисување воздух, карбонски спојлер на две нивоа, карбонски дифузер… Ни ја сфаќате поентата. Очигледно е дека сопственикот воопшто не штедел на спецификацијата.
Постоечкиот мотор ќе биде заменет со надграден 7.3 литарски V12 мотор изработен од AMG и ќе произведува извонредна нота низ четирите кружни издувни завршетоци, карактеристични за Zonda. Ах, кога парите не се проблем…