Volkswagen сака да направи сè што може за да ја забрза трансформацијата на автомобилската индустрија – и токму затоа одлучија да направат огромна инвестиција во инфраструктурата за полнење – и да инсталираат 36.000 точки за полнење ширум Европа до 2025.
Една од најголемите препреки за пошироко прифаќање на електричните возила е токму нивното полнење и стравот дека „нема да стигнам.“ Volkswagen веќе се подготвува да произведува и продава милиони електрични возила годишно, па токму затоа германскиот гигант одлучи да инсталира 36.000 точки за полнење ширум европа.
Планот на Volkswagen е да ја искористи својата компанија Elli за да го постигне ова, и ќе инвестира 250 милиони евра за инсталирање на полначите за електрични возила. Интересна е анализата на Volkswagen, според која 50% од корисниците ќе ги полнат своите автомобили дома а 20% на работното место, па токму затоа Elli ќе понуди комплетни решенија за полнење наменети за компании, но и за приватни корисници.
Секако, уште една работа која како цело време да ја забораваме – а тоа е реалноста дека полнењето на електричното возило навистина не мораме да го правиме секој ден. Ако проаѓаме околу 25 километри секој ден, благодарение на згоелемните капацитети на батериите со кои се опремени новите електрични возила – нашиот електричен автомобил би го полнеле еднаш на две недели.
Како дел од оваа иницијатива, Volkswagen ќе инсталира околу 4000 полначи во своите фабрики, наменети за вработените, а најавуваат дека многу од овие полначи ќе бидат достапни и за јавноста. IONITY иницијативата (во која соработуваат Volkswagen, Ford, Mercedes-Benz и BMW) ќе постави 400 станици за брзо полнење со 2400 точки за полнење ширум Европа до следната година.
Аналитичарите на Volkswagen предвидуваат дека јавните полначи ќе се користат за околу една четвртина од потребите, а преку We Charge ќе им овозможат на своите купувачи пристап до преку 100.000 точки за полнење ширум Европа. Но Volkswagen оди чекор понатаму и планира договори со ланци на големи супермаркети и шопинг-центри да им овозможат на купувачите полнење додека се во шопинг.