Mulgary Automotive а британска тјунинг-куќа која храбро тврди дека направила BMW M240i кој е повозбудлив од M2 Competiton.
Малото купе го користи потенцијалот на 3-литарскиот линиски „шестак“ на BMW и го носи до нешто помалку од 500 коњски сили и околу 590 Nm вртежен момент. Доколку се сетиме дека фабрички истиот мотор произведува 340-тина коњски сили, сфаќаме дека инженерите од Mulgary „малку“ се опуштиле.
Новите придобивки не би значеле многу доколку и суспензијата не е соодветно надградена за да се справи со нив – новите амортизери, но и пошироките тркала и гуми ќе го зголемат возачкото уживање кое е надалеку прочуено кога е во прашање шасијата на BMW 2 Series. Од Mulgary планираат да докажат дека ова не се само ветувања, преку напад на рекордот на M2 Competition кој е поставен на Nurburgring.
И надворешниот изглед е предмет на екстензивни промени – односно, добива карбонски аеро пакет кој влече дизајнерски детали од најуспешните модели на BMW. Дополнително, добива и проширени задни крила инспирирани од E30 M3, кров инспириран од E46 M3 CSL, како и други елементи од малку поновата историја на M-дивизијата. Уникатните детали вклучуваат навистина широк преден сплитер како и целосно рамен долен дел за подобрена аеродинамика.
Внатрешноста на сите 25 примероци кои Mulgary планира да ги изработи ќе ја красат Recaro спортските седишта, спортскиот волан, поголеми карбонски „лопатки“ за менување брзини и уникатни детали во боја по желба на купувачот. Очекуваме интересна ценичка за овој ултра-ексклузивен пакет!