ПРЕМИЕРА: Škoda Mountiaq повикува на авантура! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Škoda Mountiaq повикува на авантура!

Идните таленти на Škoda официјално го покажаа својот проект, во кој се вложени повеќе од 2000 работни часови – еве го Škoda Mountiaq!

Вкупно 35 студенти од 7 различни насоки во улилиштето на Škoda вложија повеќе од 2000 работни часови во текот на 8 месеци да го направат шестиот Student Car кој потекнува од чешкиот производител.

Самото име на концептот – Mountiaq – пренесува авантуристички дух и теренски таленти. Mountiaq комбинира модерен автомобил со секојдневната практичност на пик-ап. Студентите – под надзор на експерти од Škoda, секако – започнаа да работат на Mountiaq минатата есен, дизајнот го довршија во Јануари и од почетокот на оваа година па сè до овој момент работеа на финалниот продукт.

Mountiaq е поширок, со многу додатоци и модификации кои го прават исклучително талентиран во услови на теренско возење. Растојанието од подлогата е зголемено за 10 сантиметри, и сега е вкупно 29 сантиметри. Mountiaq е поставен на 17-инчни тркала обвиени во теренски пневматици, а за придвижување на овој концепт е задолжен 2-литарски TSI турбо-бензинец кој испорачува 190 коњски сили.

Инаку, Mountiaq има и многу други интересни детали. На пример, товарниот простор – но и предната значка и одделот за моторот – се осветлени, има прилично робустен бул-бар, како и нови светла за магла. Кабината добива интегриран фрижидер, многу 3Д-испечатени детали и пар воки-токи уреди за комуникација. Приказната ја заокружува аудио уред со моќност од над 2000 вати.

Одлична работа момци и девојки, браво!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.