Smart сака да биде „првиот производител кој бескомпромисно го префрли своето цело портфолио од мотори со внатрешно согорување на електричен погон.“
Како што веќе најавивме, Smart ги напушта американскиот и канадскиот пазар поради многу ниски продажби, и покрај бенефитите кои еден Smart автомобил ги нуди во поглед на намалување на премијата за авто-осигурување. Имено, доколку поседувате Smart и го пријавите како прво возило, премијата за авто-осигурување на останатите автомобили кои ги поседувате значително опаѓа. Очигледно, ова е факт за кој знаат многу мал број од американските авто-колекционери, па затоа и продажбата на Smart во изминатите години не надмина 1300 примероци годишно.
Сепак, приказната за Smart во Европа е поинаква – и ветува дека ќе биде револуционерна. Со цел да го одбележи крајот на една релативно успешна ера, но почеток на друга, Smart ќе произведе 21 For-Two модели со мотор со внатрешно согорување како последен поздрав кон фосилните горива. Бројката 21 има повеќе значења за главниот дизајнер на оваа посебна едиција: прославување на 21 година од постоењето на Smart, како и кои карактеристики најчесто ги поседуваат младите кои тукушто го прославиле својот 21-ви роденден – рушење граници, бунтовност, слобода.
Овие епитети се јасно видливи во дизајнот на последниот Smart преку храбрата двотонска комбинација која продолжува и во внатрешноста, но најинтересен момент се бандажите, од кои добивате два во црна и два во жолта боја. Се согласуваме дека тоа е храброст во дизајнот, нели?
Од Smart не ни пренесуваат можни цени за оваа изведба, но очекуваме да има повеќе детали околу цени и финалната опременост неколку недели пред почетокот на производството во Aвгуст.