Ford ги објави првите фотографии од новиот Focus ST во караванска изведба – и ако сакате спортски автомобил во кој можете да „се натоварите“ целосно – Ford го има токму автомобилот за вас!
Кој рекол дека практичноста и перформансите не можат да одат рака под рака? Еве, токму Focus ST Wagon го потврдува сосем спротивното. Одберете меѓу 2.3-литарски турбо-бензинец со 280 коњски сили или пак 2-литарски турбодизел со 190 коњски сили и уживајте во одлични перформанси и врвна практичност – сепак е караван!
Секако, бидејќи се работи за Focus ST, добивате и преден диференцијал со ограничено пролизгување, опција меѓу мануелен или автоматски менувач, како и неколку различни режими на возење. Добивате и надградени сопирачки, како и ST-нагодена суспензија – и сето тоа со цел максимално да уживате во возењето.
Focus ST Wagon добива и изменета предна маска, црни странични ретровизори, големи завршетоци на издувниот систем големи тркала и уште мал милион други ситници. Во нашата книга, караваните се кул – а Ford тукушто го претстави еден од најинтересните меѓу нив.