Американскиот бренд Jeep денес е најпознат по големиот Grand Cherokee – но што се добива кога ќе земете инспирација токму од големиот SUV и ќе ја пренесете неговата неизбежна доминантност во помало пакување?
Jeep е легендарен бренд – едноставно, не постои други начин да се истакне влијанието кое Jeep го има врз светот. Своевремено, претседателот на САД – Двајт Ајзенхауер – кажа дека Jeep Willys MB беше „едно од трите одлучувачки оружја кои САД ги имале во втората светска војна.“
Големи чевли за пополнување. Но ајде да бидеме искрени – брендот Jeep сосем добро ја продолжи традицијата и го искористи своето наследство на најдобриот можен начин. Ширум светот (не, не само кај нас) теренците се нарекуваат „Џипови.“ Тоа е наследство и влијание за кое брендовите можат само да сонуваат.
Првиот посериозен обид на Jeep да направи помал SUV кој ќе биде интересен и за европските купувачи беше некаде на средината на 2000-тите години со првата генерација Compass. Тој обид не беше нешто особено успешен – едноставно, тогашниот Compass не успеа да го задржи вниманието и да биде популарен меѓу купувачите. Американците како да ја научија лекцијата – и со новата – втора генерација на Compass – играат со силни крати.
Дизајнот на Compass влече инспирација од гооолееемиот Grand Cherokee
Како тоа? Па – за почеток – дизајнот на новиот Compass влече инспирација директно од гооолеееемиот Grand Cherokee. Секако, не може да се каже дека Compass е едноставно Grand Cherokee намален за дваесеттина проценти – но дури и да го кажете тоа нема да бидете преееемногу далеку од вистината. На предниот дел добиваме слични тенки предни светла и слична маска на ладилникот со вертикални отвори, профилот е едноставени безвременски, а на задниот дел добиваме интересни светлосни групи со изразено-тродименизонална графика.
Нашиот автомобил дојде во супер-привлечна сина боја и црн кров и со големи 19-инчни тркала – комбинација која одлично му прилега на „Американецот“ и притоа успешно ги истакнува димензиите и пропорциите на Compass.
Комфорна и просторна кабина со многу „играчки“.
Одиме внатре. Како што и очекуваме, кабината е просторна и комфорна. Американците научиле некоја лекција и кога станува збор за изборот на материјали и дизајн во ентериерот. Двобојната комбинација во кабината успешно ја раздвижува атмосферата и во кабината има повеќе од доволно простор.
Предните седишта се комфорни но ќе забележиме дека им недостасува малку странична поддршка – инаку, седечката позиција е одлична! Прегледноста е повеќе од задоволителна и прилично лесно ќе се снајдете со сите команди. На средината на управувачот гордо стои знакот на Jeep, а сите инструменти и индикатори се лесни за разбирање.
При прв контакт, 8.4-инчниот UConnect мултимедијален уред со навигација и многу други ситници е малку конфузен – но брзо ќе се навикнете на него. Генерално, скоро сите површини во кабината се покриени со фини материјали, и да – иако има некои поцврсти пластики на некои места, сепак во кабината се чувствувавме пријатно и комфорно.
На задната клупа комфорно ќе се сместат двајца (па и тројца) патници – централниот тунел низ кој минува „хардверот“ потребен за придвижување на задните тркала не е премногу висок, а тоа го олеснува користењето на средното седиште. Багажниот простор е достапен преку широк и правилен отвор, а на располагање ќе имате капацитет од 438 литри.
Моќен турбодизел со 140 коњски сили
Нашиот Compass под поклопецот го носеше најновиот 2-литарски MultiJet турбодизел кој доаѓа од гамата на FCA. Модерниот турбодизел испорачува 140 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 340 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута.
Силата ја пренесува преку 6-брзински мануелен менувач кон сите четири тркала – иако во реалноста, во секојдневни услови на возење, како и сите модерни SUV модели поголемиот дел од силата ја испорачува само кон предните тркала со цел да се намали потрошувачката – која во градски услови е некаде меѓу 7.5 и 8.5 литри на 100 изминати километри. Бенчмаркот од 100 километри на час се постигнува за 10.1 секунда, додека максималната брзина е 190 километри на час.
Комфорен на пат, супер-компетентен „кога ќе снема асфалт“
Каков е Compass на обичен асфалт? Повеќе од задоволителен. Лесно ги пегла нерамнините од нашите улици, и иако не би рекле дека се работи за особено спортски теренец (а и не ни треба да биде), Compass совладува свиоци без премогу навалување во нив. Менувачот е супер-лесен за користење, сопирачките се лесни за дозирање и маневрирањето во град е сосем лесно – иако се работи за не баш мал автомобил. Секако, паркирањето го олеснуваат паркинг-сензорите.
Но Compass е во вистинско светло кога ќе го напуштите асфалтот и ќе го насочите кон нешто попредизвикувачко. Системот за погон на сите четири тркала ви нуди неколку различни режими – Auto (кој е само-објаснувачки), Snow (за движење во снег), Sand (за песок) и Mud (за кал).
Во која ситуација и да се наоѓате, едноставно одберете го режимот кој одговара на ситуацијата и за Compass скоро и да не постојат ограничувања. Секако, доколку е потребно можете да го заклучите диференцијалот за тој да испорачува иста сила кон сите четири тркала – и Compass ќе може „да се извади“ дури и од навистина интересни ситуации. Секако, вреди да се напомене дека Jeep Compass има агол на пристапување од 30 степени и агол на заминување од 33.6 степени.
Богата опрема – многу, многу играчки
Набрзина, пред да заокружиме – да зборуваме малку за опремата. Нашиот тестен модел дојде во Limited ниво на опрема – а меѓу другото тоа значи дека добивме седишта делумно обвиени во кожа (со загревање на предните седишта), темпомат, UConnect мултимедијален уред со навигација и Bluetooth, паркинг сензори, електрична рачна кочница, LED задни светла, LED дневни светла, двобојна каросерија, кровни носачи, 7-инчен дисплеј кај инструментите, автоматски двозонски клима уред, самозатемнувачки внатрешен ретровизори, супер-моќен Beats аудио систем за да им додевате на соседите во „ниедно време“, 19-инчни тркала и уште многу, многу ситници и детали.
Заклучок – Compass е џип во вистинската смисла на зборот!
Нашето прво официјално дружење со некој од моделите на Jeep ни остави навистина позитивен впечаток. Теренските можности во комбинација со привлечниот дизајн, богатата опрема и економичниот турбодизел лесно ќе најдат свои фанови. И навистина – многу е добро кога можете да кажете – Возам Џип. Каков џип? Па Jeep – џип!
Спецификации
Модел: | Jeep Compass 2.0 Mjet 140 4×4 Limited |
Мотор: | 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри |
Моќност: | 150 коњски сили / 3750 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 340 Nm / 1750 вртежи во минута |
Менувач: | Мануелен, 6 брзини |
Забрзување 0-100 км/ч: | 10.1 секунда |
Максимална Брзина: | 190 километри на час |
Должина: | 4394 mm |
Ширина: | 2033 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1644 mm |
Тежина: | 1615 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2636 mm |
Багажен Простор: | 438 литри |
Потрошувачка: | 8.2 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Jeep Compass 1.4 140 MTX FWD – 25.000 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Jeep Compass 2.0 Mjet MTX 4×4 Limited – 34.100 Евра |
Повеќе Информации: | Jeep.mk |
Фотографии
Фотографија: Дејан Маликовски