Германскиот производител во Шангај го претстави новиот концепт GLB, кој се одликува со дизајн на сериозно теренско возило.
Концептот е стилизиран со примена на најновиот дизајнерски јазик на брендот и презема дизајнерски елементи од најновиот GLS. Оваа концептна верзија наскоро ќе добие и своја сериска изведба, а истата ќе биде позиционирана како попрактичен „близнак“ на претстојниот модел GLA.
Што се однесува до изгледот, веруваме дека сериската изведба ќе биде речиси неизменета, но ќе пристигне без големите двобојни тркала со пневматици со масивни крампони, впечатливите LED светла интегрирани во покривот и заштитните елементи под браниците и страничните прагови.
Новиот кросовер мери должина од 4634 милиметри, ширина од 1890 милиметри и висина од 1900 милиметри, а вози на меѓуосовинско растојание од 2829 милиметри, благодарение на кое нуди место за до седум патници во својата кабина. Третиот ред седишта можат да се наместат во багажниот простор, а според Mercedes во нив можат комотно да се сместат двајца патници со средна висина.
Втората клупа на седишта е прилагодлива и може да се помести напред-назад за околу 20 милиметри со цел да направи повеќе место за нозете на патниците кои седат на неа или да направи повеќе простор за патниците од третиот ред.
Ентериерот е во наjголем дел преземен од новата А-Class, препознатлив по впечатливиот дисплеј со два споени екрани и петте кружни вентилациски отвори. Бидејќи се работи за концептно возило, сите површини на кабината се обвиени во специјална кожа во кафена нијанса, со портокалови детали и украсни панели од дрво од орев.
Концептот GLB е погонуван од 2.0-литарски четири-цилиндарски бензински агрегат усогласен со осум-степена трансмисија со двојна спојка. Тој произведува 224 кс и 350 Nm вртежен момент. Силата се пренесува кон подлогата преку постојан погон на сите четири тркала 4Matic, кој во режимот Off-Road може да ја блокира распределбата на вртежниот момент на 50:50 помеѓу предната и задната оска.