РЕПОРТАЖА: Ford Go Further 2019 – Хибридната и електрична иднина на Синиот Овал – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

РЕПОРТАЖА: Ford Go Further 2019 – Хибридната и електрична иднина на Синиот Овал

Ford на овогодинешниот Go Further настан на голема врата ја најави својата иднина – иако Ford меѓу првите воведе електрични автомобили во својата понуда, сега ги објави своите амбициозни планови – 16 нови возила, од кои 8 до крајот на оваа година!

Парадигмата на автомобилизмот се менува – купувачите бараат многу повеќе од само „обичен автомобил“. Бараат вистински, долгорочни и одржливи хај-тек решенија кои од една страна ја земаат во предвид еколошката одговорност, а од друга страна нудат практичност, перформанси и забава во возењето.

И земајќи ги токму тие критериуми во предвид, Ford оваа година на Go Further, Go Electric настанот во Амстердам ги презентираше своите планови за иднината на мобилноста – од хибридни и електрични доставни возила, па сè до хибридни автомобили, системи за мобилност од иднината и многу, многу новитети.. Ајде да почнеме…

Електрифицираните комерцијални возила се комерцијалните возила на иднината!

Ford е лидер кога станува збор за комерцијалните возила, и со инвестирањето во хибридните и електрични технологии, тие сакаат да ја задржат таа позиција. Всушност, тие сакаат да ја зголемат продуктивноста на своите купувачи и истовремено да ги намалат трошоците. Со таа цел подготвуваат електричен Ford Transit кој ќе биде лансиран во 2021, а оваа година ќе го претстават Tourneo Custom Plug-In Hybrid наменет за транспорт на луѓе кој ќе може да помине до 50 километри на електрична енергија.

Секако, целата приказна не застанува таму – Ford ја најави новата FordPass Pro апликација која треба да биде поддршка на сопствениците и да им го олесни користењето на своите автомобили – од закажување сервис, па сè до следење на здравјето на автомобилот и уште многу, многу други функционалности.

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

Интересен беше и StreetScooter WORK XL – електрично доставно возило развиено во соработка со DHL кое веќе се користи во Германија. Ford планира да ја прошири соработката со други бизниси во Германија, Холандија и Белгија – и ова е одличен начин да се реши „последен-километар“ доставата. За оние кои треба да работат во урбани зони каде е законски ограничена емисијата на штетни гасови, тука е Ford Transkit Custom Plug-In Hybrid кој користи батериски модул со капацитет од 13.6 kWh – кој исто така може да помине околу 50 километри на електрична енергија.

Секако, тука е конвенционалниот мотор кој се користи како дополнувач на автономија (range-extender) кој нема физичка врска со тркалата – и кој може да овозможи вкупен домет од 500 километри. Ова возило веќе се тестира во Лондон, каде фидбекот од купувачите е навистина позитивен, а наскоро ќе почне да се тестира и во Валенсија и Келн.

Новата Ford Kuga!

Веќе пишувавме за новата Kuga – но ќе го повториме најважното! Новата Kuga не само што добива нов дизајн, добива и многу нови технологии. Најважното е дека ќе се нуди како лајт-хибрид, самополнечки хибрид и Plug-In хибрид. Секако, тука ќе бидат и неизбежните и докажани EcoBoost и EcoBlue мотори, но Ford најмногу внимание им посветува токму на хибридите.

Најамбициозната изведба е Kuga Plug-In Hybrid која комбинира 2.5-литарски бензинец (кој користи Аткинсонов циклус) со литиум-јонска батерија со капацитет од 14.4 kWh и испорачува системски 225 коњски сили. Првиот плаг-ин хибриден Ford во Европа ќе може да помине до 50 километри на електрична енергија и ќе може да троши само 1.2 литри бензин на 100 изминати километри. Батеријата ќе се полни преку обичен полнач за само околу 4 часа. Најс!

Новиот, голем Ford Explorer

Ford Explorer ќе го „помине атлантикот“ и ќе се продава во Европа, погодувате – како плаг-ин хибрид. Сепак, ова е важен новитет за Ford бидејќи популарноста на SUV моделите расте, а на Ford (досега) му недостасуваше фул-сајз SUV во понудата во Европа. Ford го искористи настанот во Амстердам за да го промовира големиот Explorer кој комбинира 3-литарски EcoBoost V6 со 350 коњски сили, со 100-коњски електромотор за вкупна системска моќност од 450 коњски сили и – внимавајте сега – 840 (!!) Nm вртежен момент. Силата ќе ја пренесува кон сите четири тркала преку 10-брзински автоматски менувач.

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

Explorer Hybrid може да помине 40 километри на електрична енергија, а користи систем кој ги полни батериите при сопирање. Според Ford, Explorer PHEV ќе може да троши само 3.4 литри бензин на 100 изминати километри и да има емисија на штетни гасови од само 78 грама CO2 на изминат километар. А да, и да влече 2500 килограми без некои поголеми потешкотии.

Хибридни Fiesta и Focus

Ако се прашуваме ние, можеби најважен и најинтересен новитет се токму новите, лајт-хибридни Ford Fiesta и Ford Focus. Fiesta и Focus EcoBoost Hybrid ќе користат 48-волтен хибриден систем кој вклучува стартер/генератор придвижуван од ремен (Belt-Driven Integrated Starter/Generator – BISG) наместо конвенционален алтернатор, како и 48-волтен електричен систем. Работата на овој систем е да овозможи зачувување на енергијата која обично се губи при сопирање и „едрење“ и нејзино складирање во 48-волтен литиум-јонски батериски модул.

Дополнително, BISG системот ќе функционира и како електромотор и ќе го помага три-цилиндерскиот 1-литарски EcoBoost во нормални услови на возење, а со тоа би требало значително да ја намали потрошувачката на бензин. Од Ford кажуваат дека дополнителниот вртежен момент овозможува подобри перформанси и попријатно возачко искуство. Екстра бенефит е дека бидејќи системот го намалува турбо-каснењето, инженерите на Ford го замениле турбо-полначот со поголем – а тоа значи и повеќе моќност! Fiesta и Focus Hybrid ќе располагаат со по 155 коњски сили, истовремено ќе нудат забележително пониска потрошувачка.

Иднината на Ford е електрифицирана или електрична!

Многу, многу новитети. Go Further настанот на Ford јасно ја покажа амбициозноста на американскиот бренд. Живееме во време кога парадигмата на сообраќајот се менува и од производители на возила, брендовите се трансформираат во нешто многу поголемо и посериозно – провајдери на мобилност.

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

Очигледно е дека Ford како компанија има сериозен и амбициозен план, а сето тоа го поддржува со нови, хај-тек решенија, подобрена економичност и еколошка прифатливост – а притоа не ги напуштаат квалитетите по кои се добро познати – забавата во возењето, дизајнот и комфорот.

Храбро Ford, храбро!

Галерија



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.