ТЕСТ: DFSK Glory 580 1.5 Т CVT – Не смееме да не ги сфатиме сериозно! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: DFSK Glory 580 1.5 Т CVT – Не смееме да не ги сфатиме сериозно!

Како и многу други работи, и многу автомобили доаѓаат од Кина – па кога ни се укажа можност да поминеме малку време со кинески SUV, решивме да го прифатиме предизвикот!

Стереотипите се чудна работа – од една страна, сигурни сме дека многу од нив се втемелени во некаква вистина. Од друга страна, на нас останува да ги надминеме тие предрасуди и стереотипи, и да погледнеме кон онаа, вистинската страна на нештата.

Значи… Автомобили од Кина? Па добро, не се за прв пат кај нас – и во некои сегменти од автомобилизмот, веќе се и добро прифатени – особено комерцијалните возила. Но сега веќе имаме нешто навистина различно – прилично голем, одлично-опремен и визуелно модерен SUV. Тоа е тоа кое пазарот го бара, и тоа е тоа што производителите го нудат. Предизвикот е направен – ајде да видиме како одговориле на него кинезите.

Dongfeng е партнер на етаблирани брендови и произведува повеќе од 3.5 милиони возила годишно

Океј, DFSK. Што всушност значи тоа? DFSK е „подбренд“ на кинеската компанија Dongfeng – која е меѓу најголемите кинески производители на возила, и која во 2014 произведе повеќе од 3.5 милиони автомобили. Плус, Dongfeng е локален, кинески партнер на многу познати и етаблирани брендови – Renault, Honda, Nissan, итн. Тоа го прави Dongfeng многу, многу сериозен играч.

Кинеските производители копираат – но сепак Glory 580 изгледа засебно

Сето тоа нè носи до автомобилот за кој зборуваме денес. DFSK Glory 580. Супер, кинезите си продолжуваат со малку (барем за наши услови) чудното именување на моделите – но сепак, ништо страшно. Првиот контакт со Glory 580 е интересен – во зависност од аголот од кој го гледаме, препознаваме ситни дизајнерски детали од други брендови, но не можеме толку лесно да кажеме дека е „копија на ова“ или „копија на она“.

Поврзано:  Денови на електромобилност во East Gate Mall

Сепак, сето тоа е некако интересно вклопено и не изгледа воопшто лошо – изгледа модерно, робустно – па дури и привлечно. Да, секако, препознаваме детали од европски и јапонски конкуренти – но сепак, со оглед на прилично вулгарното копирање по кое кинеските производители беа препознатливи, Glory 580 изгледа засебно и модерно. So far, so good.

Интересна е приказната кога ќе ја отвориме возачката врата. Ова е навистина простран автомобил. Доаѓа со три реда седишта и има импресивно многу простор. Дури и во третиот ред седишта се седи прилично комфорно – дури и ако сте возрасен. Тоа е добар знак.

Слична приказна за дарежливост се провлекува низ целата кабина, бидејќи добиваме навистина многу – кожни седишта, автоматски менувач, сончев кров, делумно дигитални инструменти, автоматски клима уред, сензори и камери за паркирање, автоматски CVT менувач, огромен, 10-инчен мултимедијален уред, DVR камера која го снима вашето возење, стартување на копче и уште многу, многу, многу повеќе. Најсилната страна на кинеските брендови – bang-for-buck аспектот на нештата – е цврсто на страната на Glory 580.

Прилично лесно се наоѓа комфорна возачка позиција, сите команди се прилично лесни и разбирливо за користење и материјалите кои се користени во кабината се сосем добри – во контекст на цената, секако. А ако ја земеме цената во контекст на нештата – а мораме да го направиме тоа – тогаш мораме да бидеме објективни и да кажеме дека максимумот е навистина извлечен.

Не е за потценување ниту багажниот простор – со сите три реда седишта исправени ќе имате на располагање 375 литри – но тие можат да нараснат до импресивни 2215 литри, во зависност од конфигурацијата на местата за седење.

Поврзано:  Евтините електрични автомобили и понатаму доаѓаат од Кина - DongFeng го лансира Nammi Box во Европа

Зад управувачот, чувството е сосем коректно. Да, управувачот се чувствува како да не е директно поврзан со тркалата, но суспензијата добро ги впива нерамнините од нашите патишта. Ниту можеме, ниту смееме да очекуваме спортски перформанси – но тоа воопшто и не е поентата на ваквите автомобили.

Комбинацијата од 1.5-литарски турбо-бензинец со 150 коњски сили и CVT менувач е интересна – моќта е генерално достапна кога и да притиснете на педалата за гас без некое посебно колебање. Ќе го препознаете оној карактеристичниот звук на CVT менувачот и ќе добиете прифатливи перформанси. Потрошувачката во град е околу 10-11 литри бензин на 100 изминати километри, но со оглед на комбинацијата на моторот и менувачот, како и габаритот на Glory 580, тоа и не е страшно.

Дали ќе успееме да ги надминеме предрасудите?

Сето ова е проследено со гаранција од 3 години, односно 100.000 километри – па тоа е повеќе од некои други, докажани производители. И конечно сега пристигнуваме до онаа, тешката дискусија – цената. Обично не дискутираме за цената, но да бидеме реални – цената е еден од најсилните адути на Glory 580. А ако ги земеме во предвид димензиите на Glory 580, како и сите „играчки“ кои се дел од опремата – тогаш таа е повеќе од прифатлива. Кинезите си ја знаат работата – произведуваат милиони и милиони автомобили секоја година, и навистина брзо учат. Соодветно на тоа, не смеат многу-многу да згрешат – а ни ние не смееме да не ги сфатиме сериозно.

И каде е сега во целата приказна DFSK Glory 580? Дали е ова SUV за секого? Секако дека не. Сосем ни е јасно дека не е лесно да се надминат предрасудите – но мораме да признаеме дека иако и ние пристапивме кон Glory 580 со предрасуди, сепак кинескиот SUV успеа да нè убеди дека ни се неоправдани. Дајте му шанса, можеби ќе бидете изненадени.

Поврзано:  Евтините електрични автомобили и понатаму доаѓаат од Кина - DongFeng го лансира Nammi Box во Европа

Спецификации

Модел: DFSK Glory 580 Luxury
Мотор: 1.5-литарски турбо бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 150 коњски сили / 5600 вртежи во минута
Вртежен Момент: 220 Nm / 1800-4000 вртежи во минута
Менувач: Автоматски безстепен CVT
Забрзување 0-100 км/ч: 12.8 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4680 mm
Ширина: 1845 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1715 mm
Тежина: 1510 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2780 mm
Багажен Простор: 375 – 2215 литри
Потрошувачка: 11 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: DFSK Glory 580 Comfort- 13.990 Евра
Цена на тестираниот модел: DFSK Glory 580 Luxury – 14.990 Евра
Повеќе Информации: abcbrother.mk

Фотографии

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.