Ако причината зошто сеуште немате Mercedes-AMG GT R беше фиксниот кров, имате среќа – GT R Roadster конечно влегува во сериско производство. Од Mercedes-AMG ветуваат речиси идентични перформанси како и купето, но овој пат со неограничен простор за главите на патниците.
Спринтот до „стотка“ е идентичен, 3.5 секунди, додека roadster-от губи само 2 км/ч од максималната брзина на купето и ќе може да постигне „само“ 317 км/ч доколку имате доволно место.
Под предниот поклопец се наоѓа добро познатиот 4 литарски V8 бензинец кој во соработка со два турбо-полначи кој испорачува 577 коњски сили и 700 Nm вртежен момент, спарен со 7-брзинскиот автоматски менувач. Идентичен е и системот за управување каде во зависност од брзината, задните тркала управуваат или во иста или во спротивна насока од предните со цел GT R Roadster да го чувствувате како агилен, компактен автомобил.
Ќе се произведе во само 750 примероци, може да се нарача со два различни карбонски пакети, и со сигурност може да се каже дека ќе има повисока цена од купето. GT R и GT R Roadster нема да се најмоќната верзија на Mercedes-AMG GT платформата – се очекува и враќање на „Black Series“ серијата. Само се прашуваме какви перформанси ќе има тоа чудо…