ПРЕМИЕРА: Koenigsegg Jesko – Новиот шведски хипер-автомобил може да постигне 482 километри на час! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Koenigsegg Jesko – Новиот шведски хипер-автомобил може да постигне 482 километри на час!

Новиот хипер-автомобил на Koenigsegg е замена за Agera RS – и го носи името на таткото на Christian von Koenigsegg – Jesko.

Ајде прво за најважното – според симулациите на шведскиот бренд, новиот Koenigsegg Jesko може да постигне 482 километри на час, односно 300 милји на час. Тоа е овозможено благодарение на врвната аеродинамика, но и на 5-литарскиот твин-турбо V8 кој може да испорача до 1600 коњски сили на E85 гориво. Моторот „врти“ до 8500 вртежи во минута и „има животнски звук“. Двата турбополначи се поврзани со електричен компресор, кој е придвижуван од 2-литарски воздушен резервоар и кој според Koenigsegg ја елиминира турбо-дупката.

Кога работи на безоловен бензин, монструозниот V8 испорачува „само“ 1280 коњски сили, но на E85 испорачува 1600 коњски сили и 1500 Nm вртежен момент кои ги насочува кон задните тркала преку нов менувач кој од Koenigsegg го нарекуваат Light Speed Transmission. Овој менувач е со повеќе спојки и 9 брзини, и не му се потребни традиционални прстени за синхронизација. Па така, менувачот овозможува директно менување меѓу брзини, без разлика на тековната и следната брзина. Според она кое го кажуваат од Koenigsegg, може веднаш да „префрли“ од 7-ма во 4-та брзина, без да чека „синхронизација“, и целата менувачка кутија тежи само 90 килограми.

Карбонските тркала на Jesko се најлесните кои компанијата ги има направено. Предните 20-инчни тркала тежат само 5.9 килограми, додека задните само 7.7 килограми. Автомобилот го добива Autoskin системот на Koenigsegg – всушност, гама на хидраулични мини-актуатори кои придвижуваат многу работи – од аеродинамичните елементи, па сè до вратите, како и предниот и задниот поклопец.

Интересно е дека Christian von Koenigsegg го држел името во тајност дури и од неговиот татко, сè до последниот момент, односно до претставувањето на Jesko на саемот на автомобили во Женева. Таткото на Christian е важен во самата компанија, и ова е негов начин да му оддаде почит за неговиот удел. Компанијата планира да произведе само 125 примероци на Jesko – околу 40 до 50 годишно. Цената ќе започнува од околу 2.6 милиони Евра.

Поврзано:  Вечерно кино: Koenigsegg, Hennessey и Rimac меѓусебно ги тестираат своите адути



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.