Еколошките норми го земаат својот данок – Mercedes-Benz ќе го пензионира легендарниот 6-литарски V12 со S65 Final Edition.
Големиот Mercedes-AMG S65 Final Edition означува крај на една ера. Еколошките норми сè повеќе ги ограничуваат производителите, па така Mercedes-Benz е приморан да го пензионира легендарниот 6-литарски твин-турбо V12 бензинец.
Секако, тоа значи дека покрај S-Class седанот, големиот V12 нема да го добиваат, ниту G65, ниту пак SL65. Единствено S-Class Coupe и S-Class Convertible ќе продолжат да го добиваат моќниот V12 – но само до крајот на нивниот животен век уште година-две. Се очекува знаменосците на AMG во иднина да користат супер-надградена верзија на 4-литарскиот V8 твин турбо бензинец.
Интересно е што претседателот на AMG – Tobias Moers – изјави за Car & Driver дека производството на големиот V12 нема целосно да запре. Моќниот бензинец ќе продолжи да се произведува, но во екстремно-лимитирани бројки и ќе биде наменет ексклузивно за модели на Maybach брендот. Тоа значи дека ако ги сакате моќни 630 коњски сили и 1000 Nm вртежен момент ќе треба да бидете подготвени да платите мааааааалку повеќе.
Инаку, S65 Final Edition е во црна и бронзена комбинација и го носи големиот V12 кој ги испорачува ветените 630 коњски сили и 1000 Nm вртежен момент. Бојата на екстериерот се нарекува Obsidian Black, додека предната маска е во сребрена боја, а големите 20-инчни тркала се во специјална бронзена боја. Истата бронзена боја е искористена и за детали на страничните прагови, предниот браник и задниот браник. Сликата ја дополнуваат црни завршетоци на издувниот систем и специјални значки на задните столбови.