Како што Aventador S е фејслифт на Aventador, така и Aventador SVJ е освежена верзија на бруталниот Aventador SV. Купе верзијата го имаше своето деби минатото лето, и по вртоглавата побарувачка Lamborghini без размислување започна да го развива и SVJ Roadster – или народски кажано – будала работа, сега и без кров.
Традиционално, roadster верзиите се потешки од купеата поради зајакнувањата на шасијата, и таа традиција продолжува и тука – Aventador SVJ Roadster е за 50 килограми потежок од SVJ, но иако мислите дека перформансите страдаат поради зголемената тежина, тоа не е така. Спринтот од 0 до 100 км/ч трае само 2.9 секунди благодарение на атмосферскиот, 6.5 литарски V12 агрегат, а 770-те коњски сили и 720-те Nm вртежен момент можат да го движат ова чудовиште од автомобил сè до 350 км/ч.
Кај Aventador SVJ Roadster фиксниот кров е заменет со два карбонски панели тешки по само 6 килограми, кои ако ги отстраните, може безбедно да се чуваат во багажниот простор пред вас. За да се спречат турбуленции (и расипани фризури), додаден е мал, стаклен панел на задниот дел од кабината кој – по желба за бушава коса – може да се спушти.
Како и купето, SVJ Roadster го има извонредниот систем за активна аеродинамика. Во зависност од свиокот, брзината и многу други мистериозни фактори, системот пренасочува воздух низ многуте каросериски отвори со цел да овозможи сите тркала да имаат оптимално ниво на тракција со подлогата. Ова, но и фактот што и задната оска на SVJ Roadster помага при совладување свиоци, се само дел од многуте генијални технички решенија кои го прават Lamborghini Aventador SVJ Roadster чудовиште на патеката.
„Основно опремен“ секој од 800-те примероци ќе чини само 387.000 евра – но кој би купил основно опремено Lamborghini?