Audi слави 10 години на врескачкиот V10 со R8 Decennium – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Audi слави 10 години на врескачкиот V10 со R8 Decennium

Компанијата со четири прстени слави 10 години од појавувањето на R8 V10, со специјалниот Audi R8 V10 Performance Quattro Decennium.

Специјалната верзија има задача соодветно да го прослави 10-тиот јубилеј на врескачкиот V10 – а тоа го прави со многу, многу стил. Автомобилот е во уникатна Daytona Gray боја, а контрастен детал е бронзената „гранка за дишење“ – која според нас е вистинско уметничко дело. Дополнително, во истата боја се и 20-инчните тркала.

Секако, R8 V10 Decennium можете да го добиете и во други бои – Ascari Blue, Kemora Gray, Mythos Black, Floret Silver и Suzuka Gray, но ние би ја одбрале баш оваа, славеничката боја. Дополнително, јубилејниот модел добива детали во сјајно-црна боја на предниот спојлер, страничните прагови и задниот дифузер. Кабината е исто така во црна боја, додека опшивките се во истата бронзена боја како и деталите на екстериерот.

Секако, бидејќи се работи за моќниот V10, добивате 620 коњски сили и 580 Nm вртежен момент – доволно за лансирање до 100 километри на час за 3.1 секунда и максимални 331 километар на час.

Ќе бидат произведени само 222 примероци, и секој од нив ќе чини (во Германија) 222.000 евра. Производството ќе започне оваа пролет и славеничкиот модел ќе се нуди само како купе.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.