ВОЗЕВМЕ: Се запознавме со новиот супер-комфорен Citroën C5 Aircross и практичниот и модуларен Berlingo – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Се запознавме со новиот супер-комфорен Citroën C5 Aircross и практичниот и модуларен Berlingo

Неодамна имавме одлична можност одблиску да се запознаеме со новите модели на Citroën – новиот SUV во форма на C5 Aircross, како и повеќенаменскиот Berlingo.

Во природата на Citroën е да биде различен. Секако, секој бренд е уникатен на свој начин, но Citroën секогаш бил некако… Поинаков! Мораме да бидеме искрени и да кажеме дека сме среќни поради тоа – свежината која Citroën ја внесува едноставно не се добива од ниту еден друг производител, па тој француски шарм, тој несекојдневен карактер (па и таа мала доза на налудничавост) се пријатно освежување.

Токму затоа сме среќни дека пред само неколку денови имавме одлична можност да се запознаеме со новите C5 Aircross и Berlingо. Со овие новитети, не само што Citroën ја зајакнува својата понуда, туку нуди една вистинска алтернатива на етаблираните модели.

Citroën C5 Aircross ќе се бори со конкурентите како што најдобро знае – со кул дизајн и врвен комфор!

Ајде прво да зборуваме за Citroën C5 Aircross. Новиот голем SUV на францускиот производител има тешка задача – а тоа е да се бори во супер-компетитивен сегмент со конкуренција која е на пазарот долго време и веќе има лојални купувачи, а истовремено да успее да се издвои од неа и да понуди вистинска алтернатива.

И како го прави тоа? Па на најдобриот Citroën начин, секако – со кул дизајн и врвен комфор. Всушност – ајде да одиме токму по тој редослед – прво за дизајнот. Кога прв пат ќе го здогледате C5 Aircross, едноставно нема да можете да го споредите со ниту еден друг модел. Нема да можете да кажете дека „еј, ми личи на тоа-и-тоа“. Дизајнот е навистина модерен и младешки – па дури би рекле и храбар. Нам ни изгледа одлично, особено во некоја похрабра боја, каква што и заслужува. На предниот дел доминираат хоризонтални линии кои на францускиот SUV му даваат поширок лик, а „издвоените“ горен и долен дел на маската на ладилникот му даваат на C5 Aircross уникатен карактер. Од страна доминираат мазни и меки линии и хромираниот елемент околу прозорците, а на задниот дел вниманието го задржуваат големите светлосни групи со изразено тродимензионална графика.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: SM Tribute во чест на 10 години DS Automobiles

Интересно е што самиот дизајн кој нема остри линии некако наговестува дека се работи за супер-комфорен автомобил. Ни се допаѓаат и Airbump деталите во долниот дел на вратите – и ние бевме можеби едни од ретките на кои им се допаднаа Airbump перничињата на оригиналниот C4 Cactus. Сè на сè – C5 изгледа авангардно – влече детали од другите модели на францускиот бренд, но има засебен и привлечен карактер.

Дали се ова најкомфорните седишта во кои сме седнале? Ништо чудно…

Ја отвораме вратата и нè пречекува кабина која зрачи со комфор и каде акцент е даден токму на овој аспект на C5 Aircross. Големите стаклени површини и хоризонталните линии го зајакнуват чувството на просторност, а комфорот дополнително се истакнува благодарение на супер-комфорните седишта. Без никакво претерување – ова се меѓу најкомфорните седишта во кои сме имале можност да седнеме.

При секое седнување има чувство на „пропаѓање“ кое трае неколку секунди – како да седите во комфорна фотелја во вашиот дом. Сите команди се јасни и лесни за користење – пред вас има голем дисплеј каде се прикажуваат инструментите, а на централната конзола има уште еден уред преку кој се контролира навигацијата, мултимедијалните функционалности, клима уредот и многу, многу повеќе.

C5 Aircross навистина лебди над асфалтот

Но вистинската револуција во однос на комфорот кај C5 Aircross е новата суспензија која користи прогресивни хидраулични перничиња. Од Citroën гордо ни кажаа дека оваа технологија доаѓа од искуството на Citroën во автомобилските натпреварувања и дека е директен резултат токму од тешките услови низ кои поминуваат тркачките автомобили. Во суштина, оваа технологија користи дополнителни хидраулични „завршетоци“ во системот за потпирање кои во соработка со амортизерите нудат чувство на лебдење – и навистина е така. Комфорно седевме како на предните седишта, така и на задната клупа, а имавме простор и за сета опрема која ја носевме со нас – лизгачките задни седишта значат меѓу 580 и 720 литри багажен простор, односно дури 1630 литри во багажникот кога се преклопени.

Нашето возење со C5 Aircross започна во Скопје, а заврши во НАВАК тест-центарот близу Белград. За тие неколку стотици километри, имавме можност одлично да ги „провериме“ можностите на суспензијата на францускиот SUV по асфалт кој навистина не би можеле да го наречеме идеален, и погодете што – C5 Aircross се покажа одлично за време на целото запознавање.

Поврзано:  Новиот Citroën C3 пристигна во Македонија!

На автопат беше тивок, tres комфорен и релаксиран, а иако тркачка патека не е на прв поглед најсоодветното место за запознавање со SUV, сепак се покажа како интересна можност да се увериме дека меката суспензија не резултира со преголеми навалувања во свиоци и „незграпно“ управување.

Моќни, економични и чисти PureTech бензинци и BlueHDI турбодизели

Инаку, C5 Aircross се нуди со два бензински PureTech мотори со 130 и 180 коњски сили, како и два турбодизели со 130 и 180 коњски сили. Во зависност од одбраниот мотор можете да добиете мануелен менувач со 6 брзини или пак новиот EAT8 автоматски менувач со 8 брзини. Ние би го одбрале автоматикот – едноставно, повеќе му прилега на карактерот на големиот опуштен SUV.

Убедени сме дека C5 Aircross лесно ќе ги пронајде своите купувачи. Сите навистина го цениме комфорот, а новиот SUV на Citroën нуди комфор на претек – комфорот е негова дефинирачка карактерна особина – и е многу, многу подобар заради тоа!

Berlingo – добро познат на нашите купувачи, но сега е многу, многу подобар!

По кратката пауза за ручек, имавме можност да се запознаеме и со супер-практичниот повеќенаменски Berlingо. Ова е автомобил токму за оние кои водат подинамичен живот и на кои им е потребен автомобил кој може да понуди сèстраност – од комфор и практичност, преку економичност, па сè до можност за пренесување товар. Тука Berlingo Van е меѓу најдобрите – се нуди со две меѓуоскини растојанија и може да пренесе меѓу 3.3 и 4.4 кубни метри товар.

Нуди импресивна модуларност во патничкиот простор – на предните седишта има повеќе од доволно простор за возачот и совозачот, додека во задниот ред можат да се добијат три независни седишта кои можат засебно да бидат преклопени за сите потреби да можат да бидат задоволени.

Поврзано:  Citroën се подготвува за настап на мотор шоуто во Париз

Низ годините, Berlingo најде многу фанови на нашиот пазар – многумина ја препознаа неговата креативност и посветеноста на дизајнерите и инеженерите на Citroën кон нудење автомобил каде секојдневната практичност е главниот адут. Истата приказна продолжува и сега – само многу, многу надградена. Токму затоа, Berlingo може да се нарача со Apple CarPlay, Android Auto и MirrorLink поврзување за мобилен телефон, модерен систем за навигација, Citroën ConnectNav, камери поставени од страна и на задниот дел и уште многу, многу повеќе.

Може да се добие со 1.2-литарски PureTech турбо-бензинец со 110 или 130 коњски сили, како и со 1.5-литарски BlueHDI со 75, 100 или 130 коњски сили, и секако – може да се комбинира со мануелен или автоматски менувач  – сè во насока на зголемување на комфорот и олеснување на секојдневното користење. Багажен простор? Ние би рекле – колку сакате, но бидејќи овие бројки се важни – можете да пренесете до 1000 килограми товар, комфорно ќе собере еуропалети и во зависност од изведбата ќе можете да внесете и предмети долги до 3.44 метри. А огромната задна врата е супер-практична ако заврне и треба некаде да се скриете.

Berlingo Van е навистина интересен автомобил – нема да биде сечиј избор, но оној кој ќе знае да ги препознае, навистина ќе ги цените неговите таленти. Фанки францускиот дизајн е само бонус!

Citroën покажува што умее и може да направи!

Првите впечатоци од C5 Aircross и Berlingo се дека ова се интересни автомобили – сметаме дека лесно ќе го најдат својот пат до купувачите, бидејќи настапуваат на пазарот со силни аргументи. Дизајнот, комфорот и економичноста се само дел од тие аргументи, а не смееме да ги заборавиме ниту технологиите, врвната безбедност и францускиот шарм. Со новиот C5 Aircross, Citroën навистина уверливо покажува што може!

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.