Го сакате врвниот Range Rover Velar? Тука е SVAutobiography со 550 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Го сакате врвниот Range Rover Velar? Тука е SVAutobiography со 550 коњски сили!

Најбрзиот и најопремениот Range Rover Velar ќе произведува огромни 550 коњски сили, 680 Nm вртежен момент и ќе забрзува од 0 до 100 км/ч за 4.5 секунди. Импресивно за возило со таков габарит? Се согласуваме.

Модерните линии и дизајнерски елементи, овој пат за степен поагресивни го комплетираат пакетот наречен Range Rover Velar SVAutobiography Dynamic Edition.

Без да го повторуваме името, оваа изведба на Velar е онаа која ќе се наоѓа на врвот на каталошката понуда и ќе се опишува со епитетите „најбрз, најпривлечен, најопремен и најскап“. За почеток, „најбрз“ е поради V8 погонската единица над која е „наштрафен“ компресор кој овозможува безгрижно забрзување до над 270 км/ч. За да се сноси со зголемената моќност, 8-степениот автоматски менувач има засилени внатрешни компоненти.

Кочниците се произведени од реномираниот производител Brembo и се „кријат“ под стандардните 21-инчни (или опционални 22-инчни) тркала. 395 мм дискови напред, и 396 мм дискови назад се навистина импресивни (замислете си прилично голема пица, и потоа замислете дека дисковите на овој Velar се машала големи).

Во внатрешноста, воланот е поспортски од обично, а „лопатките“ за менување брзини позади самиот волан сега се алуминиумски. Спортскиот карактер може да се надополни преку „карбон пакет“ кој одредени пластики низ ентериерот ги заменува со карбонски парчиња.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.