Со својот фејслифт, Passat добива темелно освежување и надградување на можностите и технологиите.
Volkswagen го претстави освежениот Passat – кој покрај затегнатите линии на екстериерот и освежените материјали во кабината, добива и дискретно ревидирани мотори и нови хај-тек системи за асистенција.
Познавачите ќе забележат нов преден браник, ревидирана маска на ладилникот и (опционални) LED Matrix предни светла кои Volkswagen ги нарекува IQ.Light. Страничните линии остануваат непроменети, додека задниот дел добива нови светлосни групи со редизајнирана тродимензионална графика, нов заден браник и подинамични завршетоци на издувниот систем. Дополнително, Passat добива и нови тркала со димензии од 17 до 19-инчи, како и нови бои – Lapiz Blue, Bottlegreen и Sandgold.
Позначителни се промените во кабината – сега купувачите ќе добијат нов управувач, нови материјали и нови опции за деталите. За жал, веќе го нема аналогниот часовник на средината на централната конзола. Сепак, освежениот Passat добива значително подобрен 11.7-инчен дигитален инструмент-панел, како и нов инфозабавен систем кој се нарекува MIB3. Овој систем може да се добие во три димензии – 6.5, 8 и 9.2 инчи, и овој систем е со интегрирана SIM картичка за поврзување со интернет и можност за поставување хотспот на кој би се поврзувале други мобилни уреди.
Дополнително, системот доаѓа со гласовни контроли и може да препознае команди од возачот. Само кажете му Hello Volkswagen и тој ќе ги слушне и интерпретира вашите команди, и соодветно ќе реагира.
Понудата на нови технологии продолжува со системите за асистенција во возењето – асистенција за управување во итни случаи, како и адаптивен темпомат со можност за предвидување. Овој систем користи GPS податоци за автоматски да ја намали брзината на возилото кога тоа ќе се доближи до свиок или кружен тек. Дополнително, системот користи камери за да препознае сообраќајни знаци и автоматски да ја прилагоди максималната брзина. Друг супер-интересен новитет е Travel Assist системот кој е замена за Traffic Jam Assist – нов, Level 2 автономен систем кој му овозможува на автомобилот самиот да управува при брзини до 210 километри на час. Сепак, возачот ќе мора да ги држи рацете поставени на управувачот, и доколку возачот ги отстрани рацете за подолго од 10 секунди, системот прво ќе го предупреди возачот и доколку возачот не реагира, автомобилот внимателно и безбедно ќе застане. Импресивно!
Под поклопецот ќе можат да се добијат неколку различни бензински и дизел мотори. Понудата кај бензинците започнува со 1.5-литарскиот TSI со 150 коњски сили, а тука е и 2-литарскиот TSI кој може да се добие со 190 или 272 коњски сили. Оние кои сакаат дизел ќе можат да го нарачаат новиот 2-литарски TDI Evo кој испорачува 150 коњски сили, а во понудата остануваат 1.6-литарскиот TDI со 120 коњски сили, како и 2-литарскиот TDI кој испорачува 190 коњски сили, односно моќниот 2-литарски BiTDI кој нуди 240 коњски сили.
Секако, во понудата останува и хибридниот Passat GTE кој сега добива надграден плаг-ин хибриден систем кој има литиум-јонска батерија со капацитет од 13 kWh, со што добива автономија на елелктрична енергија од 55 километри. Овој модел комбинира 1.4-литарски TSI турбо-бензинец со 115-коњски електромотор и специјален 6-брзински DSG менувач со двојна спојка – а сето тоа резултира со системска моќност од 218 коњски сили.