Легендарниот мал британски автомобил веќе не е толку мал – но сепак е една од оние вистинските, автомобилски икони.
60 години Mini! Да, Mini не е веќе „мини“ – автомобилите пораснаа значително со новата генерација, но сѐ уште се едни од најмалите на патиштата низ Европа и светот. Познатиот британски бренд слави 60 години од првиот BMC Mini кој се произведуваше до 2000-та година, и прославата ја крунисува со посебна верзија на својата добро позната и одлично продавана Cooper S верзија, наречена Cooper S „60 Years Edition“.
Cooper S „60 Years Edition“ се разликува од обичната Cooper S верзија во неколку аспекти: ќе биде произведена во само 500 примероци ексклузивно наменети за британскиот пазар, ќе се продава исклучиво во добро познатата British Racing Green зелена боја комбинирана со кафен кожен ентериер, ексклузивни 17-инчни алуминиумски бандажи, како и изобилство од логоа кои ве потсетуваат дека возите несекојдневна верзија на Cooper S.
Во стандардна опрема може да се најдат 8.8 инчниот екран на допир, задна камера, Bluetooth, Android Auto и Apple Car Play функционалности, LED предни и задни светла (кои симболично се изведени да наликуваат на националното знаме на Велика Британија, детаљ кој нам многу ни се допаѓа), како и амбиентално осветлување.
Моторот останува ист со стандардниот Cooper S – а тоа значи 192 коњски сили кон предните тркала, кои во оваа верзија се комбинираат исклучиво со 7-брзински автоматски менувач.