ПРЕМИЕРА: Audi e-tron GT Concept – Електричниот супер-седан на Audi поставува нови стандарди – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Audi e-tron GT Concept – Електричниот супер-седан на Audi поставува нови стандарди

Audi продолжува да ја зголемува гамата на електрични возила – со e-tron GT Concept најавуваат електричен супер-седан кој ќе понуди врвна технологија и експлозивни перформанси!

Audi e-tron GT е производ на соработка меѓу Audi Sport и Porsche. Всушност, e-tron GT дели многу со Porsche Taycan, а тоа значи дека од електричниот купе-седан на Audi (кој е сличен по димензии со Audi A7 Sportback кој неодамна го возевме) можеме да очекуваме врвни перформанси. Меѓу предните и задните тркала е поставена батерија со капацитет од 90 kWh.

Комбинацијата од два мотори и оваа батерија значи вкупно 590 коњски сили, односно 100 километри на час за 3.5 секунди и 0-200 километри на час за 12 секунди. Максималната брзина е „над 240 километри на час“ и се очекува исто како e-tron, да има автономија од околу, односно над 400 километри со едно полнење.

Благодарение на најновите технологии за полнење, 80% од батеријата би можеле да бидат полни за само 20-тина минути (доколку користите доволно брз полнач, секако), а тука е и можноста за безжично полнење со моќност од 11 kW.

Дизајнот на e-tron GT е агресивен и влече детали како од e-tron SUV моделот (на чија премиера во Сан Франциско присуствувавме и ние), така и од супер-спортските RS модели на Audi. Предниот дел е остар и динамичен, и таму доминираат големите предни светла и многуте линии кои го формираат „ликот“ на e-tron GT. Страничните линии се покласични и гледан одстрана e-tron GT навистина наликува на A7 Sportback, но и на Porsche Taycan. Задниот дел ни е особено интересен – широката светлосна група (велиме група бидејќи задните светла се споени во една целина, како и другите нови модели на Audi) директно презема детали од e-tron – на пример, графиката на задните светла со облик на стрела.

Поврзано:  Пристигна новиот Audi A5!

Ентериерот е налик на другите ентериери на Audi – пред возачот е поставен дигитален дисплеј за инструменти (односно, добро-познатиот Audi Virtual Cockpit) а на централната конзола се поставени два дисплеи – едниот за мултимедијалниот уред, другиот за климатизацијата. Секако, бидејќи се работи за електричен автомобил, тука ќе има и многу други информации – но генералниот „распоред на нештата“ ги следи насоките на брендот – и тоа ни се допаѓа. Ни се допаѓаат и седиштата – дизајнерите и инженерите на Audi одлучиле да ја избегнат кожата како материјал и да користат платно – и нам ни изгледаат навистина кул.

Она што е особено важно да се напомене е дека e-tron GT е концепт само по името – она што го гледаме денес е многу, многу, многу блиску до серискиот автомобил кој ќе пристигне на пазарот во 2020-тата година. Електричната иднина на Audi изгледа одлично!

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.