Дизајниран да асоцира на поголемиот и супер-луксузен Velar, новиот Evoque не ги крие своите амбиции – луксузниот компактен SUV јасно и гласно кажува – живеј за градот!
Evoque е интересна и успешна приказна за Range Rover – малиот и луксузен градски SUV постави нови стандарди во овој сегмент и им покажа и на конкурентите и на луѓето како треба да изгледа и да функционира еден ваков автомобил. Со новата, втора генерација на Evoque, Range Rover не само што сака да го продолжи успехот, туку и повторно да наметне нови стандарди.
Што значи тоа? Evoque добива дизајн (кој е очигледно) инспириран од големиот Velar, и тоа воопшто не е критика – Velar е еден од најпривлечните големи теренци. На предниот дел се забележуваат тенките предни светла и привлечните отвори за воздух. Страничните линии се очекувани и привлечни, а на задниот дел се повторува истиот пристап – тенки и дискретни светла кои успешно го истакнуваат авангардниот дизајн на Evoque.
„Отпечатокот“ кој го остава новиот Evoque е скоро идентичен како и моделот кој е во заминување – новиот автомобил е долг 4.37 метри и е поставен на новата Premium Transverse Architecture платформа. Она што е интересно е дека новиот дизајн нуди повеќе простор во кабината, па багажникот сега нуди одлични 591 литар волумен. Кабината е очигледно инспирирана од поголемите модели, па ги добиваме привлечните мултимедијални уреди кои веќе добро ги познаваме, но и грст нови технологии.
Новата архитектура е уште од самиот почеток предвидена да понуди електрификација – па така на самиот почеток ќе се нуди лајт-хибрид со 48-волтен електричен систем, а понатаму ќе се понуди и плаг-ин хибриден модел. Во новиот Evoque ќе се нудат бензински и турбодизел мотори со три и четири цилиндри од Ingenium семејството.
Секако, не е заборавено ниту на теренските способности – па Evoque доаѓа со погон на сите тркала, како и Active Driveline од втората генерација. Terrain Response 2 системот (кој доаѓа директно од големиот Range Rover) автоматски ја препознава подлогата и го нагодува погонот, а Evoque сега може да се движи низ вода која е длабока од 600 милиметри.
Нарачките се веќе отворени!