Squadra Corse е тркачката дивизија на Lamborghini, која и порано подготвувала модели во лимитиран број на примероци, но никогаш не само еден единствен примерок – сè до неодамна. Од Lamborghini медиа центарот го претставија Lamborghini SC18, единствен примерок развиен и дизајниран за (веројатно) многу верен клиент.
Како и сè останато во Squadra Corse, и SC18 го користи терминот „екстремно“ без резерви – екстремна аеродинамика, екстремен дизајнерски јазик, екстремни отвори за ладење…
Почнувајќи од отворите на хаубата инспирирани од Huracan GT3 EVO, потоа крилата, аеро-елементите на предните и задните браници како и отворот за воздух поставен на самиот кров преземени од Huracan Super Trofeo EVO, па се до уникатните 12 отвори на поклопецот за моторот – се е екстремно! Системот за аеродинамика е комплетиран со навистина голем заден спојлер со три нивоа на потисок.
Погонот е составен од познатиот Lamborghini V12 мотор со 760 коњски сили и 720 Nm вртежен момент преземен од Aventador SVJ. Моторот „врти“ до 8500 вртежи во минута и силата до тркалата ја пренесува преку т.н. ISR (Independent Shifting Rod) менувач. Тежината на автомобилот е намалена преку користење на композитни материјали, додека промени во потпирањето на автомобилот резултираат со само 10 цм растојание од асфалтот до автомобилот.
Каросеријата од јаглеродни влакна е обоена во Grigio Daytona сива боја и се истакнува со црвени детали. Црвените детали продолжуваат и во внатрешноста, овој пат одговорни за истакнување на црната алкантара која е распространета буквално низ целиот ентериер. Изгледот го комплетираат 20 инчните тркала напред и 21 инчните тркала позади, кои се со централно затегање – карактеристично за чистокрвните тркачки автомобили.