ТЕХНОЛОГИЈА: Супер-напредниот погон на електричниот Audi e-tron – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕХНОЛОГИЈА: Супер-напредниот погон на електричниот Audi e-tron

На лансирањето на e-tron, вниманието го задржа токму погонот на електричниот SUV на Audi – па ајде и ние подобро да ја разгледаме напредната технологија на супер-напредниот погон на првиот целосно-електричен сериски автомобил од Инголштад.

Неодамна бевме поканети на лансирањето на Audi е-трон во Сан Франциско, и со оглед на интересот кој постои за првиот целосно-електричен автомобил на Audi, решивме да посветиме малку повеќе внимание на погонот на овој SUV.

Капацитет на батеријата

Основната работа за која мораме да зборуваме е капацитетот. Веќе знаеме дека литиум-јонската батерија на Audi e-tron е со капацитет од 95 kWh. Батеријата соработува со два електромотори – едниот на предната оска, другиот на задната, и заедно испорачуваат вкупно 355 коњски сили и 561 Nm вртежен момент, односно 402 коњски сили и 664 Nm вртежен момент во Boost режим.

Сето тоа резултира со автономија од околу 400 километри – комфорно повеќе од другите германски ривали. Секако, автономијата зависи од режимот и начинот на возење, но ова е според новите, построги WLTP стандарди за мерење на потрошувачката.

Перформанси?

Перформансите воопшто не се за занемарување. Во нормален режим на работа кога имате „само“ 355 коњски сили и 561 Nm вртежен момент на располагање, 100 километри на час стигнуваат за 6.4 секунди, додека во Boost режим истиот бенчмарк се постигнува за 5.5 секунди. Погонот примарно ќе ја пренесува силата преку задните тркала, но по потреба сила ќе се пренесува и кон предната оска.

Во ред, но каква е батеријата?

Батеријата, односно целиот батериски модул е прилично голем – димензиите се 2280 х 1630 х 340 милиметри.  Како што напоменавме, модулот е интегриран меѓу предната и задната оска – па целата платформа изгледа некако како скејт-борд. Батеријата има вкупно 432 ќелии, кои се поделени во 36 засебни „пакети“ кои се со големина на кутија за чевли. Секој од овие пакети е со сопствена заштита од удар и пробивање.

Всушност, многу внимание е посветено токму на безбедноста. Долната страна од батерискиот модул е прилично дебела алуминиумска плоча која служи за заштита од директен удар, додека внатрешна структурна плоча ги обезбедува 36-те пакети со батерии. Батериските модули се во контакт преку кондуктивен гел и имаат систем за водено ладење.

Поврзано:  Пристигна новиот Audi A5!

А полнење?

Доколку имате пристап до соодветно-брз полнач со капацитет од 120 kWh, батеријата ќе можете да ја наполните до 80% за само половина час. Audi нуди два системи за домашно полнење – еден компактен со капацитет од 11 kWh кој може да ја наполни батеријата за околу 8.5 часа, додека вториот е со капацитет од 22 kWh и може да ја наполни батеријата за само 4.5 часа.

Дополнително, од Audi кажуваат дека до 30% од автономијата се добива преку напредниот систем за регенеративно сопирање.

Што значи сето тоа?

Сето тоа значи дека Audi e-tron е еден од најнапредните електрични автомобили на пазарот. Да, некои од конкурентите „беа први“, но Audi нуди производ кој се темели врз долгогодишното искуство на брендот и ги користи најновите достапни технлогии. Производството е веќе започнато и Audi кажува дека ќе произведува по повеќе од 200 примероци на ден во темелно-освежената фабрика во Белгија.

Но ако мислите дека таа бројка е мала, имајте во предвид дека Audi веќе најави неколку различни модели кои ќе се постават на истата платформа – а тоа значи дека бројката на дневно-произведени електрични возила најверојатно неколкукратно ќе се зголеми.

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.