Официјално претставена седан-изведбата на најновата Toyota Corolla – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално претставена седан-изведбата на најновата Toyota Corolla

По претставувањето на хечбекот и караванот, Toyota ја комплетира гамата на Corolla со новиот седан.

Седанот базиран на 12-тата гeнерација на Corolla ги дели механичките компоненти, но и дизајнот со Corolla во хечбек изведба – а со тоа седанот изгледа значително помодерно од досегашниот модел. Предниот дел ни изгледа особено интересно, додека задниот дел е поконзервативно дизајниран – но тоа е со цел да не се намали на практичноста. Во зависност од пазарот ќе се нудат неколку различни верзии – Sporty на северно-американскиот, додека европските купувачи ќе го добијат полуксуниот Prestige.

Кабината е идентична со онаа кај хечбекот – па ќе добиеме модерен и привлечен дизајн со значително овежен пристап кон нештата. Во зависност од одбраното ниво на опрема ќе добиеме 7 или 8-инчен мултимедијален уред со Apple CarPlay функционалност, како и многу други додатоци. Всушност, достапноста на технологиите е една од главните придобивки на Toyota New Global Architecture платформата која се користи за новата Corolla – и која јапонскиот гигант веќе ја користи за некои модели на Toyota и луксузниот Lexus.

Инаку, новата Corolla седан ќе биде 4640 милиметри долга, 1780 милиметри широка и 1435 милиметри висока, додека меѓуоскиното растојание ќе биде одлични 2700 милиметри, што пак ветува просторна кабина. Предниот и задниот надвисок се скратени значително, додека моторот е поставен пониско со што се подобрува прегледноста. Имаме високи очекувања и за динамичноста – од Toyota кажуваат дека Corolla ќе користи мултилинк задно потпирање.

Од Toyota не објавија премногу детали околу погонските единици кои ќе се вградуваат во Corolla Sedan, но можеме да претпоставиме дека на европските пазари ќе се нудат истите мотори кои се најавени за хечбек-верзијата – 1.2-литарски турбо-бензинец со 116 коњски сили, 1.8-литарски хибрид со 122 коњски сили, како и спортски, 2-литарски хибрид со 180 коњски сили.

Поврзано:  Toyota Professional возилата нудат целосна поддршка на бизнисот


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.