Поминаа повеќе од три години откако британскиот производител на егзотични спортски и луксузни автомобили го претстави својот прв SUV концепт пред публиката на женевскиот авто саем. Сега, од Aston Martin добиваме видео и фото материјали од тестирањето на еден од прототипите на земјена и песочна подлога.
Претходните гласини во врска со првиот SUV модел на овој престижен британски бренд укажуваа дека моделот ќе го носи името „Varekai“, кој разговорно се преведува во „насекаде“, алудирајќи на природата на самиот модел да се движи по секакви патишта. Но, со последната официјална вест излезена од прес центарот на Aston Martin, кон моделот се обраќаат со DBX – веќе неколку генерации на луксузни купеа носат предзнак DB, додека X е предзнак за зборот „crossover“.
Иако прототипот прикажан на сликите и видеото е прекриен со камуфлажно „кебенце“, самиот дизајнерски јазик го прави да е лесно претпознатлив член на Aston Martin семејството. Дели многу детали со најновите DB11, DBS Superleggera и Vantage.
Според Andy Palmer, човекот одговорен за огромен дел од успесите на Aston Martin – „Со DBX се цели кон универзалност. Автомобилот се тестира на неасфалтирани патишта, на тркачки патеки, градски услови, пустина, автопат… Буквално во секои услови замисливи за купувачите DBX ќе биде многу повеќе од само SUV. Ќе биде и почеток на производството во новата фабрика во Saint Athan, а со тоа и ќе ја започне новата ера во долгогодишната историја на Aston Martin“.
DBX ќе почне да се произведува за околу една година, и уште е непознато дали ќе го напаѓа пазарот на Maserati Levante и Porsche Cayenne, или сепак ќе бара дел од колачот кој моментално го делат Lamborghini Urus и Bentley Bantayga.