Кога за прв пат седнавме зад управувачот на Jaguar XE, навистина ни се допадна неговата динамичност, но и неговата гордост – па токму затоа ја искористивме можноста повторно да поминеме малку време со достоинствениот британец.
Ах, колку е убаво да се седне зад воланот на добар седан. По малиот милион разно-разни SUV модели и кросовери, возачите како да ги забораваат квалитетите на добар, квалитетен седан. А Jaguar XE е еден од најдобрите, верувајте. Да, како и секој автомобил, не е совршен – но во нашите очи комбинацијата од динамичност, привлечен дизајн и британскиот пристап кон нештата, го прават XE да биде… Фраерски.
Во нашите очи, класичниот XE е еден од најубавите автомобили на пазарот.
Како и секогаш, ќе започнеме со дизајнот. Уште кога прв пат го возевме во R-Sport изведба, ни се допадна неговиот низок и широк став. Истата приказна се повторува и кај „обичниот“ XE – ниската и широка силуета веднаш нагласува дека станува збор за динамичен автомобил.
Ни се допаѓаат и тенките, хоризонтални предни светла и задните светлосни групи – обата елементи го прават XE да изгледа уште поширок, а во нашата книга на правила, тоа е океј. Сепак, би предложиле – изберете некоја похрабра боја. Црната е класика, да, но е неверојатно тешка за одржување чиста а и некако се губат убавите линии на XE. Затоа, изберете некоја поинтересна боја – и ќе го добиете еден од најубавите автомобили на пазарот.
Ни се допадна и ентериерот
Ни се допаѓа и ентериерот. Веднаш ќе признаеме дека некои од материјалите не се на ниво на германските конкуренти, но тоа и не е преголема забелешка. Од друга страна навистина многу ни се допаѓа овалната линија која го дефинира возачкиот простор – ова е навистина комфорно и кул место да се седи.
Сепак, вреди да се напомене дека некои од конкурентите имаат повеќе простор на задната клупа, особено за колената на оние кои седат позади. Багажникот е во рамките на просекот на класата – достапни се 455 литри преку прилично широк отвор.
Врвна динамичност!
Сегментот каде XE е едноставно брилијантен е динамичноста. Тука XE е на самиот врв во сегментот. Задниот погон и одлично-нагодената суспензија го прави XE да биде директен и динамичен, и без приговор да ги следи вашите наредби. Управувањето пренесува информации од подлогата и во секој момент знаете што прават предните тркала, а задниот дел е подготвен да „зализга“ кога тоа ќе го побарате од него.
Всушност, воопшто не нè изненадува податокот дека Jaguar нуди значително помоќни верзии на XE – се гледа дека шасијата „трпи“ уште 100-200 коњски сили, без проблем. Во зависност од режимот 8-брзинскиот автоматски менувач се однесува порелаксирано или поагресивно, а секогаш можете да ја „земете работата во свои раце“ и да менувате брзини преку лопатките на управувачот.
Моќен турбодизел, но бензинец повеќе му прилега
Кога веќе зборуваме за моторот – нашиот тестен модел дојде опремен со 2-литарскиот Ingenium турбодизел кој ја носи ознаката 20d. Тоа значи дека има 180 коњски сили при 4300 вртежи во минута и надпросечни 430 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Бенчмаркот од 100 километри на час се постигнува за 8 секунди а максималната брзина е 231 километар на час – но благодарение на дарежливиот вртежен момент меѓузабрзувањата се одлични. Бидете внимателни со педалата за гас и во градски услови можете да очекувате потрошувачка од околу 8 литри дизел на 100 изминати километри.
Но каков е комфорот, ако толку внимание е посветено на динамичноста? Одговорот е дека не е направен (преголем) компромис. Дури и на големите, 18-инчни тркала, во кабината на XE никогаш не е некомфорно. Британскиот седан успешно ги филтрира ситните нерамнини од нашите улици, и по нив се движи како што му прилега на горделив британец. Од друга страна, префрлете го XE во Dynamic режим, и неговиот карактер се менува. Полн погодок!
Богата опрема, одлична безбедност
Инаку, од аспект на опременост – ова е „златната средина“. Нашиот тестен модел дојде со 18-инчни тркала, кожни седишта, автоматски менувач, цела гама на системи за активна и пасивна безбедност и многу, многу ситници. Единствено ќе забележиме дека нашиот тестен модел немаше уред за навигација – а тоа е нешто што ваков автомобил треба да го има.
Океј, признаваме – ние сме навистина големи фанови на XE. Прво и основно, го сакаме заради тоа што е кул седан, а не некаков трендовски SUV, а понатаму го сакаме и заради дизајнот, динамичноста и карактерот, па и заради тоа што е Џеееееег. Еден од нашите омилени компактни седани!
Спецификации
- Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
- Моќност: 180 коњски сили / 4300 вртежи во минута
- Вртежен момент: 430 Nm / 1750 вртежи во минута
- Менувач: Автоматски, 8 брзини
- Максимална брзина: 231 км/час
- Забрзување 0-100: 8 секунди
- Должина: 4672 mm
- Ширина: 2075 mm (со странични ретровизори)
- Висина: 1425 mm
- Тежина: 1560 kg
- Меѓуоскино растојание: 2835 mm
- Багажен простор: 455 литри
- Потрошувачка: 8.2 литри дизел (измерена, градска)
- Цена на тестираниот модел: Jaguar XE 2.0d 180PS RWD A8 Prestige – 60.000 Евра
Фотографии
Фотографија: Дејан Маликовски