Како да ги намалиме гужвите во сообраќајот? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Како да ги намалиме гужвите во сообраќајот?

Секојдневно сме сведоци како во работните денови се соочуваме со најголемите гужви во нашиот главен град. Што можеме да направиме околу тоа?

За да ги намалиме нервозите ќе ги истакнеме причините кои според нас се меѓу најзаслужните за создавање и зголемување на метежот – а сето тоа со цел причинителите да си ги препознаат и поправат своите грешки, а истовремено да ја подобриме ситуацијата.

1. Користење на мобилен телефон без Handsfree

Иако употребата на мобилен телефон додека возачот управува моторно возило е казниво по закон бидејќи претставува голема опасност за безбедноста во сообраќајот, очигледно е како голем дел од возачите во сообраќајот го практикуваат тоа. Во последно време значително е зголемен бројот на возачи кои пишуваат пораки додека возат, а истото придонесува за одвлекување на концентрацијата и многу забавени реакции, што е главна причина за побавното тргнување, резултирајќи исто така и со повеќекратно чекање на ист семафор.

2. Застанување на сред крстосница

Кога ќе се пополнат коловозните ленти од другата страна на крстосницата правилно е да почекате пред пешачкиот премин на семафорот иако за вас свети зелено светло. Во спротивно, постои можност возилата од сите четири страни на крстосницата, на своето зелено светло да стасаат до средината и да предизвикаат уште поголем застој, кој ќе треба многу повеќе време за да се отплетка.

3. Застанување или паркирање на сред булевар со трепкачи

Застанувањето на десната коловозна лента на булеварите со висока проодност со четири трепкачи е честа практика во нашето секојдневие. Можеби мислите дека со тоа го намалувате вашето време за да претрчате до најблиската продавница за да си купите мастики, но истовремено го стеснувате движењето на сообраќајот и го одземате времето на секој учесник во сообраќајот кој ќе треба да чека да се престрои во левата лента за да го заобиколи вашиот автомобил.

4. Застанување на автобуски постојки

Безобзирното блокирање на автобуски постојки предизвикува автобусите да застануваат на коловозните ленти за движење за да ги симнат своите патници, а со истото го отежнуваат сообраќајот и ги доведуваат патниците во поголема опасност. Обележаните станици се наменети исклучиво за автобуси, па доколку имате потреба од застанување возете до најблискиот паркинг.

5. Непотребно бавно возење

Да возите бавно додека позади вас се создава колона од гневни возачи не е воопшто паметен потег. Кога сте на високо прооден пат со одредена дозволена брзина, почитувајте ја истата и држете се блиску до неа. Со тоа овозможувате добар проток на сообраќајот и ја намалувате можноста за непотребно да чекате на повеќе црвени семафори со што намалувате времето на работење на моторот на возилото, а со истото и неговата потрошувачка.

6. Задоцнето тргнување на зелено светло

Се чини дека се почесто возачите кои во прв ред чекаат на семафор го забораваат правото значење на жолтото и зеленото светло. Многумина мислат дека откако ќе се запали зеленото светло, дури тогаш треба полека да се припремат за тргнување и по неколку секунди да го придвижат возилото, па потоа се муртат кога ќе ги забележат сирените од нервозните возачи што чекаат позади нив. Да се потсетиме, токму за тоа постои жолтото светло – да го придвижиме менувачот во степенот за движење нанапред и да се припремиме за тргнување, а веднаш штом се запали зеленото светло да ја поминеме крстосницата. Кога веќе сме чекале многу време на црвено светло, зошто да не го искористиме правото веднаш да тргнеме кога ни свети зелено?

Четири од набројаните шест работи се казниви по закон, и ја охрабруваме полицијата поредовно да ги потсетува возачите кога не ги почитуваат правилата. Доколку вие како возач не правите ниту една од наведените работи значително придонесувате за поефикасно движење на сообраќајот и намален потенцијал за создавање гужви.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.