Новиот, голем и луксузен SUV на BMW доаѓа со зголемени димензии, седум седишта, брдо технологии и моќни мотори.
Колку е голем новиот X7? Да започнеме вака – на новиот X7 се поставени најголемите „бубрези“ на BMW во предната маска некогаш поставени на сериски модел на баварскиот производител. X7 е долг 5163 милиметри, широк 1999 милиметри и висок 1805 милиметри, а меѓуоскиното растојание е масивни 3103 милиметри. Тоа го прави X7 цели 228 милиметри подолг, 5 милиметри потесен и 53 милиметри повисок од веќе-големиот BMX X5!
Како што очекувавме – кабината е супер-луксузна, со комбинација од кожа, дрво и метални детали. Пред возачот е поставен 12.3-инчен дигитален панел со инструменти, а веднаш до него е уште еден 12.3-инчен дисплеј наменет за мултимедијалниот уред. Купувачите ќе можат да добијат и мултимедијален уред за задните седишта со дијагонала од 10.2 инчи, безжично полнење за мобилни уреди, WiFi hotspot, Bowers & Wilkins аудио уред со 20 звучници, и уште многу, многу други играчки.
Наместо втор ред седишта ќе може да се нарачаат „капетански фотелји“ кои се нагодуваат исто и како предните седишта. Од BMW кажуваат дека „седиштата во третиот ред се со целосни димензии и се целосно подготвени да услужат и возрасни патници и на подалечни дестинации.“
Европските купувачи ќе можат да нарачаат еден бензинец и два турбодизели. Бензинецот е во форма на X7 xDrive 40i кој користи 3-литарски мотор со шест цилиндри и турбополнач кој испорачува 340 коњски сили и 446 Nm вртежен момент. Силата ја пренесува кон сите четири тркала преку освежен 8-брзински автоматски менувач. „Стотка“ пристигнува за 5.8 секунди, а максималната брзина е 245 километри на час.
Дизелите доаѓаат во форма на X7 xDrive 30d и X7 M50d. Послабиот турбодизел користи 3-литарски шест-цилиндерски мотор кој испорачува 265 коњски сили и 620 Nm вртежен момент, и овозможува забрзување до 100 километри на час за 7 секунди, како и максимална брзина од 227 километри на час. Помоќниот X7 M50d располага со 400 коњски сили и монструозни 760 Nm вртежен момент, сосем доволни за спринт „до стотка“за 5.4 секунди и електронски ограничена максимална брзина од 250 километри на час.
Нарачките ќе бидат отворени наскоро.