ТЕСТ: KIA Sportage 1.6 CRDi AWD DCT First Edition – Достојно освежување за бестселерот! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: KIA Sportage 1.6 CRDi AWD DCT First Edition – Достојно освежување за бестселерот!

Супер-популарниот SUV на KIA доби освежување за следната моделска година, а ние ја искористивме можноста повторно да поминеме малку време со Sportage и да се потсетиме на неговите квалитети.

Не можеме да го опишеме Sportage на било кој друг начин освен како бестселер. Супер-популарниот SUV на KIA кај нас се продава одлично, но и на сите други пазари каде се нуди. И верувајте, има зошто – комбинацијата од привлечен дизајн, докажани и економични мотори, многу опрема како и пристапната цена се хит меѓу купувачите, а уште ако додадеме дека се работи за тренди SUV, тогаш станува јасно зошто Sportage е толку успешен.

Со неодамнешното освежување на Sportage, дизајнерите и инженерите на KIA не си играле премногу со успешната формула – затегнати се линиите, додадени се системи за асистенција и безбедност и поработено е на моторите – но во суштина, Sportage продолжува да биде оној добро-познат и привлечен SUV кој сè почесто го гледаме на нашите улици.

Дискретни визуелни измени кои одлично го освежуваат Sportage

Визуелните измени започнуваат со редизајнираниот браник и новите светлосни групи на прендиот дел. Веќе ги нема контраверзните LED дневни светла кои беа вградени во браникот (кои патем, нас ни изгледаа супер-интересно) и сега добиваме почисти линии.

Кај страничните линии нема премногу промени, но достојно освежување добива задниот дел со нови задни светла кои имаат сосем нова графика, како и редизајниран и подинамичен заден браник. Особено добро ни изгледаат алуминиумските заштитни панели и хромираните детали кои ги носеше нашето тест-возило, како и големите 19-инчни тркала – сите овие детали му даваат на Sportage еден посериозен, па ќе речеме дури и поскап лик.

Комфорна и практична кабина

Се префрлуваме во кабината – таму главниот акцент е даден на дискретно редизајнираниот управувач, како и новиот мултимедијален уред кој сега доаѓа со Apple CarPlay и Android Auto поврзување. Нашиот тестен модел е со автоматски менувач и електронска рачна кочница, па средишната конзола е значително почиста и полесна за управување. Ни се допаѓаат ергономијата и прегледноста – сите команди се онаму каде очекуваме да бидат и лесни за користење, а високата седечка позиција и големите стаклени површини нудат одличен поглед кон патот и околината. Сепак, за полесно маневрирање и паркирање тука се паркинг-сензорите и камерата.

Инаку, материјалите во кабината се генерално квалитетни. Да, има места каде пластиките се цврсти и не-баш-најпријатни на допир, но тие места се ретки, па навистина немаме некаква конкретна замерка. Ни се допаѓаат „нормалните“ контроли за клима уредот – во време кога повеќето производители ги префрлаат контролите за клима уредот во рамките на мултимедијалниот уред, навистина се радуваме на контроли кои можеме да ги користиме без да го тргнеме погледот од патот.

Поврзано:  KIA подготви темелно освежување за мега-популарниот Sportage

Задната клупа е уште еден хит – не само што има повеќе од доволно простор за главите и колената, туку наслонот може одлично да се спушти наназад, па на задната клупа може да се патува комфорно и да подалечни дестинации. Всушност, сигурни сме дека може комфорно и да се дремне, по потреба. Нема да недостасува ни простор во багажникот – таму Sportage нуди капацитет од 503 литри, односно огромни 1492 литри со спуштени задни седишта, а сиот тој простор е достапен преку гоооолем и правилен отвор. Бонус поени за одличниот простор за складирање на покривката на багажникот.

Нов турбодизел кој ги исполнува сите стандарди

Под поклопецот на нашиот тестен автомобил се крие новиот 1.6-литарски CRDi турбодизел на KIA. Малиот турбодизел нуди 136 коњски сили при 4000 вртежи во минута и одлични 320 Nm вртежен момент достапни од 2000 вртежи во минута. Овој мотор ги исполнува Euro 6d стандардите за емисија на штетни гасови и во комбинација со 7-брзинскиот DCT менувач со двојна спојка овозможува забрзување до 100 километри на час за 12 секунди и максимална брзина од 180 километри на час.

Во возење, комбинацијата од еластичниот турбодизел и автоматскиот менувач се покажува како победничка. Sportage во оваа изведба наметнува поопуштен стил на возење кој одлично му прилега на позрелиот лик – едноставно префрлете во Drive и одете каде и да сакате. Доколку сакате подинамично возење можете да го префрлите режимот на возење во Sport и да побарате повеќе динамичност – но сепак, ваквото возење да го оставиме за спортските автомобили. За време на неколкудневното дружење со Sportage, борд-компјутерот ни покажа просечна потрошувачка од околу 8 литри на 100 изминати километри.

Поврзано:  Македонска ренесанса на Kia Picanto!

Комфорно на пат – и покрај големите тркала.

Не бевме разочарани ниту од комфорот – дури и на големите 19-инчни тркала со кои беше опремен нашиот Sportage. Да, да, сите ги знаеме оние кафанските муабети дека „по нашиве патишта не треба повеќе од 16-ки“, но сепак да бидеме реални – поголемите тркала изгледаат подобро, а не се плаќа преголема цена во однос на комфорот. Sportage уверливо успева да ги испегла нерамнините од нашите улици, а големите тркала навистина одлично му стојат.

Што значи First Edition?

Пред самиот крај, да зборуваме малку и за тоа што значи First Edition во името на нашиот Sportage. First Edition означува навистина богата опрема – сите можни безбедносни системи (плус супер-корисниот FCA систем за автоматско сопирање) и 6 воздушни перничиња, плус систем за следење на мртвиот агол, систем за следење на коловозната лента, предни и задни паркинг-сензори со задна камера, аларм, централно заклучување, 7-инчен мултимедијален уред со навигација, Apple CarPlay и Android Auto, ретровизор со автоматско затемнување, двозонски клима уред, темпомат, 19-инчни тркала и уште многу, многу, многу повеќе…

Во нашите очи, KIA Sportage продолжува да биде навистина интересен и привлечен SUV. Со освежувањето Sportage не само што доби освежен лик, доби и нови мотори и технологии, а сето тоа го прави уште попривлечен и поконкурентен на пазарот. Се надеваме дека наскоро ќе имаме можност да го повозиме и бензинецот кој е особено привлечен за нашите купувачи, па ќе ги пренесеме впечатоците и од него – но и без тоа повторно се потсетивме на квалитетите на Sportage – и има зошто е бестселер!

Поврзано:  KIA подготви темелно освежување за мега-популарниот Sportage

Димензии

Спецификации

  • Мотор: 1.6-литарски CRDi турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 136 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 320 Nm / 2000-2250 вртежи во минута
  • Менувач: Автоматски со двојна спојка, 7 брзини
  • Максимална брзина: 180 км/час
  • Забрзување 0-100: 12 секунди
  • Должина: 4485 mm
  • Ширина: 1855 mm (без странични ретровизори)
  • Висина: 1635 mm
  • Тежина: 1750 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2670 mm
  • Багажен простор: 503 – 1492 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 8.5 литри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: KIA Sportage 1.6 GDI 132 2WD M6 Vision – 16.950 Евра
  • Цена на тестираниот модел: KIA Sportage 1.6 CRDi 136 AWD DCT First Edition – 31.850 Евра
    Повеќе информации: KIA Motors

Галерија

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.