Нашите пријатели од Continental нè поканија на ексклузивен настан – не само да научиме нешто повеќе за компанијата и нејзините производи, туку и да имаме можност и самите да се увериме во квалитетот на пневматиците на Continental, и тоа зад управувачот на неколку супер-спортски автомобили.
Какви автомобили? Внимателно одбрани, секако. На располагање имавме Porsche Boxster, Audi RS3, BMW M240i, Mercedes-AMG C43 и супер-тренди Tesla Model S. Сите автомобили ветуваат одлични перформанси, но истовремено сите се различни, со засебен идентитет, уникатни карактеристики и поинаков пристап кон нештата.
Пред да зборуваме за автомобилите, да зборуваме малку за пневматиците, или по „нашки“ – гумите. Секогаш сме биле гласни во советувањето дека изборот на гуми е особено важен и дека гумите се особено важни – гумите се единствениот контакт кој вашиот автомобил го има со подлогата, па квалитетот на гумите е особено важен.
Токму затоа секогаш препорачуваме да се изберат квалитетни гуми. Во ред, секогаш изборот ќе биде условен од можностите на засебниот купувач, но во секој случај ќе препорачаме тие да бидат од реномиран бренд, и секогаш сме биле против купување користени пневматици на кои не им ја знаеме историјата и кои можат да бидат навистина ризични.
UHP (Ultra High Performance) ознаката е резервирана за оние пневматици кои Continental ги произведува во дијаметар од 17 инчи и погоре. Во овој случај, ќе зборуваме за неколкуте изведби на Continental SportContact пневматиците. Но зошто Black Chili? Black Chili е името на составот кој Continental го користи за овие гуми, па токму затоа настанот се вика Black Chili Driving Experience.
Прв ден – Tesla Model S, Porsche Boxster
Сите автомобили носат Continental SportContact 6 пневматици во некоја различна изведба, и од она што можевме да го искусиме, тие навистина го прават управувањето подиректно, попрецизно и позабавно. Во скоро било какви услови, пневматиците „се лепат“ за асфалтот како „мастика“ и овозможуваат следно ниво на перформанси. Интересни се и пневматиците направени специјално за Tesla Model S – тие имаат специјална ContiSilent технологија за дополнително намалување на бучавоста – нешто што е особено важно кај електричен автомбоил.
Сега веќе можеме да зборуваме малку повеќе и за автомобилите. Прво седнувам зад управувачот на Tesla Model S. Ова не е мое прво искуство со Tesla, но за прв пат ќе имам можност малку подинамично да возам. Она што секој пат кога ќе седнам зад управувачот на електричен автомобилот ме „вади од колосек“ е недостатокот на бука. Едноставно, ги нема оние звуци и вибрации на кои сум навикнат – и да бидам искрен, ми недостасуваат.
Она што не недостасува се перформансите. Дури и во оваа „нормална“ верзија со ознаката 85, Tesla Model S е брза. Според официјалните податоци забрзува до 100 километри на час за 5.5 секунди, но се чувствува побрза. Тоа е поради фактот дека се работи за електричен автомобил, и вртежниот момент кој е достапен „од нула.“
Но да бидам искрен, по неколку минути „финтата“ дека возам електричен автомобил поминува, и големиот електричен седан е некако.. Здодевен. Стерилен. Да, сензацијата дека возам електричен автомобил е интересна, но барем во моите очи, Tesla Model S веќе не е нешто посебно. Пристигнуваме до првото место за кафе – и местото е како од филм.. Или од серијата Allo Allo – некако, очекувам од некаде да ме поздрави Рене Артоа, и да си направиме муабет за војната…
Од Model S се префрлам во еден од моите омилени спортски автомобили – Porsche Boxster. Навистина добро го познавам малиот роудстер на Porsche, и тука се чувствувам некако како дома. По „мртвата тишина“ во Model S, врескачкиот 4-цилиндерски боксер е убава промена.
Да, да, ова е „основниот“ Boxster, а тоа значи 4-цилиндерски турбо-бензинец со зафатнина од 2 литри и одлични 300 коњски сили. Преведено во перформанси, тоа значи „стотче“ за 4.9 секунди и максимални 275 километри на час. Огромна улога игра и звукот – и сите оние кои го критикуваат звукот по промената од атмосферските шест-цилиндерски мотори во турбо-полнетите „четворки“ – ве молам, престанете.
Стиснете го копчето за спортски издув и звукот кој доаѓа од задниот дел едноставо опива – сите оние „пукања“ и „ржења“ навистина му даваат идентитет на 718 Boxster – па дури и во основната варијанта, ова е автомобил кој создава зависност.
Патишатата не водат низ навистина спектакуларни предели. Gorge Du Verdon е место од кое застанува здивот. Тука се возат делници од Monte Carlo Rally и патиштата навистина го извлекуваат максимумот од мене. Карактерот може да се смени за само неколку моменти – во еден момент возам на самиот раб на „провалијата“ и чувствувам дека ако направам грешка ќе ме има на вести, а за неколку моменти сум во мал тунел, каде ехото од боксерскиот мотор како да ќе предизвика мал одрон.
По само неколку моменти возиме низ некое мало, француско селце каде локалното население истовремено се восхитува на автомобилите, но и ги осудува бидејќи „некои таму странци ни го реметат мирот“..
Пристигнуваме на местото за преноќување и разменуваме впечатоци. Сите сме возбудени и се подготвуваме за следниот ден, но пред тоа – вечера и чаша-две одлично француско вино…
Втор ден – Audi RS3, Mercedes-AMG C43, BMW M240i
Следното утро веднаш сме подготвени да тргнеме. Нашите домаќини од Continental ни прават алко-тест (германскиот пристап кон нештата си го прави своето…) и по крактиот брифинг и групната фотка, време е да одиме.
Прво седнувам зад управувачот на Audi RS3. Воведот ќе го направам вака – сигурен сум дека ова е еден од најбрзите point-to-point автомобили на планетата. Зошто? Под поклопецот се крие 2.5-литарски турбо-бензинец со пет цилиндри кој испорачува 400 коњски сили и 480 Nm вртежен момент. Целата таа ергела се испорачува кон сите четири тркала преку S-Tronic менувач со двојна спојка и quattro погон на сите четири тркала.
Одличната тракција му овозможува на овој хипер-хеч да забрза до 100 километри на час за 4.1 секунда и да продолжи да забрзува до електронски-ограничените 250 километри на час. Она што официјалните податоци нема да ви го кажат е дека независните мерења зборуваат за забрзување „до стотка“ за околу 3.8 – 3.9 секунди. Да повториме – три запирка девет секунди. Во хечбек со кој можете да одите до пазар. Фантастично.
Но целата таа брзина не би имала поента доколку не може да биде искористена – и верувајте, може. Кривулестите патишта наменети да го извлечат максимумот од рели-возачите се повеќе до доволни за мене – но во пракса, навистина е лесно. Едноставно насочете го хипер-хечот во насоката во која сакате да одите, стиснете ја силно педалата за гас и ќе бидете испорачани онаму каде сте намериле да стигнете. Автомобилот во ниту еден момент не се бори со вас. Баш напротив – ќе ве направи да изгледате и да се чувствувате како суперхерој, а притоа е повеќе од подготвен да го извлече максимумот од професионалните возачи.
Моето време зад управувачот на RS3 завршува, и време е да влезам во следниот автомобил. Време е за нешто со суфиксот AMG. Поточно, Mercedes-AMG C43. Оваа „лајт“ варијанта на C AMG воопшто не е лајт. Под поклолпецот се крие 3-литарски твин-турбо V6 кој испорачува 365 коњски сили и 520 Nm вртежен момент. Плус, кабриолет е – и има ли подобар начин да се крстосуваат француските планини?
По хиперактивниот Boxster и мега-брзиот Audi RS3, големиот кабриолет на Mercedes-AMG е значително помалку манијакален, значително позрел и повозрасен, и бара малку поинаков пристап. Но не е ништо помалку забавен – особено кога станува збор за звукот. Типичен AMG, значи.
Пристигнуваме на местото на паузата за ручек – и таму, сосем случајно нè пречека нешто што навистина не го очекувавме, и нешто што не беше дел од програмата – еден прекрасен, прекрасен примерок на Porsche 356 Speedster. Толку кул, што едноставно заслужува да се најде на нашите страници…
Малиот 356 изгледаше совршено во рамките на дворецот каде застанавме. Беше дел од интересна тура на класични роудстери и кабриолети кои се движеа низ регионот, а нивните сопственици уживаа во нив. Неочекувано, но скроз убаво изненадување!
Конечно, седнувам зад воланот на малиот BMW M240i, исто така кабрио. По роудстерот на Porsche, малиот BMW е најблиску до супер-спортско искуство. Се седи ниско, а моќниот V6 испорачува 340 коњски сили и 500 Nm вртежен момент, сосем доволни за 100 километри на час да пристигнат за 4.6 секунди и да пристигнеме до 250 километри на час. Но она што тука е најинтересно е токму управувањето – директно и прецизно со сосем доволно повратни информации за во секој момент да знаете што прави автомобилот. Вистинско уживање е да се пилотира M240i по овие патишта – всушност, и фотографиите зборуваат за тоа…
По два дена и околу 400 километри низ француските планини и кањони, моето време со овие автомобили завршува. Имавме можност не само да уживаме во автомобилите и сценографијата, туку и да дознаеме повеќе за пневматиците со високи перформанси на Continental. Тие одлично ја вршат својата работа и го издигнуваат нивото на инволвираност и безбедност на сосем друга висина – и сигурен сум дека ако овие автомобили немаа толку добри гуми, немаше да бидат ни одблиску толку забавни. Максимални честитки до инженерите на Continental, навистина одлично завршена работа.
Впечатоците уште „легнуваат“ – но адреналинот никако да се намали. Можам само да им се заблагодарам на пријателите од Continental за поканата, а на нашите читатели да им препорачам да дознаат уште повеќе за пневматиците на овој германски бренд, кои можете да ги добиете кај нашите пријатели и официјални застапници на Continental на македонскиот пазар – Мотоцентар.