ПАРИЗ 2018: Премиера: BMW ја претстави новата Серија 3! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПАРИЗ 2018: Премиера: BMW ја претстави новата Серија 3!

Баварците ја претставија најновата генерација на Серијата 3 – ознаката е G20, а новиот модел има сериозна задача, но и ветува многу!

Новата серија три е поголема, полесна, подинамична и ветува повеќе уживање зад управувачот. Новиот автомобил сега е 4709 милиметри долг – цели 85 милиметри повеќе од предходниот. Истовремено, поширок е 16 милиметри и само еден милиметар повисок. Меѓуоскиното растојание е поголемо за 41 милиметар и сега изнесува импресивни 2851 милиметар – највеќе во класата.

Дизајнот е очекувана еволуција на моменталниот дизајнерски јазик на BMW. Добро-познатите „бубрези“ на BMW го дефинираат предниот дел, но остатокот од автомобилот изгледа модерно без да изгледа наметливо. Карактерните линии се остри и јасни, а на задниот дел доминираат големите задни светла. На купувачите ќе им бидат достапни две пастелни бои и 10 металик бои, од кои Portimao Blue е резервирана за M Sport верзијата.

Сите автомобили во Европа ќе добијат Extended LED предни светла, но и BMW Light Carpet, внатрешно амбиентално осветлување, паркинг камера, електрично-преклопливи странични ретровизори, мулти-зонски клима уред и 18-инчни тркала, а M-Sport моделите ќе добијат Shadow Line пакет и сјајно-црни детали, спортски седишта и M-спортски управувач. Интересен новитет е и новиот BMW ID7 оперативен систем наменет за мултимедијалниот уред кој користи Intelligent Personal Assistant за да препознае гласовни команди. Интересно е што асистентот ќе можете да го именувате („Хеј, Перо!“) и да му давате конкретни прашања – на пример, дали нивото на масло во моторот е во ред, или дали имате некакви пораки на мобилниот телефон.

На самиот почеток ќе се нудат неколку различни мотори. Понудата започнува со турбодизелскиот 320d кој користи TwinPower Turbo 2-литарски мотор кој испорачува 190 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Забрзувањето до 100 километри на час трае само 6.8 секунди. Бензинскиот 330i испорачува 258 коњски сили и 400 Nm, и забрзува до 100 километри на час за одлични 5.8 секунди. Следната година ќе пристигнат и M340i и M340i xDrive M Performance, кои ќе користат линиски турбо-бензинец со шест цилиндри кој ќе испорачува 382 коњски сили и 500 Nm вртежен момент, и ќе забрзуваат „до стотка“ за 4.2 секунди.

Поврзано:  ПРВО ВОЗЕЊЕ: Зад управувачот на новиот BMW X3

Сè на сè, новата Тројка ветува многу – и има тешка задача. Конкуренцијата во сегментот е одлична, но Баварците веќе традиционално го нудат најдинамичниот автомобил во класата. Останува и самите да седнеме зад управувачот и да се увериме.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.