Во живо од Сан Франциско: Премира на новиот електричен Audi e-tron – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Во живо од Сан Франциско: Премира на новиот електричен Audi e-tron

CARclub.mk е во Сан Франциско на премиерата на првиот сериски електричен автомобил на Audi – новиот SUV од Инголштад кој се вика e-tron!

Премирата на e-tron, луѓето од Audi ја објаснуваат вака – можеби не сме први, но сме најдобри. Токму со e-tron, Audi воведува нова ера на мобилност во својата гама – e-tron нуди исклучителна автономија од 400 километри, и тоа според новите WLTP стандарди, нуди беспрекорна рафинираност, врвни перформанси и најмодерна технологија – и сето тоа спакувано во дизајн чија цел е не само уште повеќе да ги подобри перформансите на новиот електричен SUV, туку истовремено да постави стандарди кои Audi и понатаму ќе ги користи кај своите електрични модели.

Новиот e-tron не само што е нов модел за Audi, туку наметна и темелна преработка на две фабрики на германскиот производител. Првата е онаа во Унгарија, каде се произведуваат компонентите за електромоторите на e-tron, додека втората е во Белгија каде се произведуваат батериите но и самиот e-tron. Обете фабрики се темелно преработени, воведени се целосно нови процеси на производство кои ги задоволуваат врвните стандарди на германскиот бренд, а спред она што ни го кажуваат од Audi, планираат до крајот на оваа година да произведуваат околу 20-тина автомобили на час.

Првиот контакт со новиот e-tron е интересен – на прв поглед, e-tron не наликува премногу на конвенционален SUV. Силуетата е долга и прилично ниска, а големите фелни уште повеќе го истакнуваат динамичниот дизајн. Секако, тука се многу од препознатливите дизајнерски елементи, на Audi, но во уникатна и засебна форма која ќе биде карактеристична за идните e-tron модели на брендот. На предниот дел забележуваме голема маска, како и предни светлосни групи со интересни детали. Интересно е што отворите за воздух не се лажни, туку се функционални и се со цел да ја подобрат аеродинамиката.

Всушност, Audi e-tron има најдобар коефициент на отпор на возудхот во својот сегмент. Околу целиот автомобил се обвива интересн карактерна линија која визелно го дели автомобилот на горна и долна целина – долната е подинамична и ги истакнува перформансите на e-tron, додека горната е посмирена и ја нагласува рафинираноста на германскиот електричен SUV.

Поврзано:  ABT го тјунираше Audi SQ8

На задниот дел се издвојува интересната линија која ја познаваме од другите понови модели на Audi, но која тука има интересен „потпис“ кој е уникатен за e-tron. Всушност, церемонијата – како што ја нарекуваат дизајнерите на Audi играта која ја играат светлосните групи при отклучување или заклучување на e-tron – е уникатна за e-tron. Слична „церемонија“ има и во кабината.

Кабината е меѓу најмодерните кои сме ги виделе и сите дизајнерски одлуки се донесени во насока на функционалноста. Централната конзола е хај тек, а централниот гребен меѓу возачот е совозачот е отворен па се овозможува лесен пристап до сите ситници кои би можеле да ги оставите во него. Луѓето од Audi го опишуваат e-tron како SUV во кој комфорно ќе собере вкупно петмина, и по тоа што можевме да го видиме воопшто немаме причина да се сомневаме во тоа.

Задолжен за придвижување на e-tron е систем кој вклучува два електромотори (по еден за секоја оска) и ултра-модерен батериски модул со капацитет од 95 kWh. Сето тоа резултира со 100 километри на час за околу 5.5 секунди и максимална брзина од 200 километри на час. Како што веќе напоменавме, според WLTP e-tron ќе има автономија од 400 километри а благодарение на врвната технологија за полнење која е достапна, батериите можат да бидат наполнети до 80% од капацитетот за помалку од 30 минути.

Како што веќе напоменавме, производството е веќе започнато а првите купувачи во Европа ќе ги добијат своите автомобили до крајот на оваа година. Цената во Германија ќе започнува од 79.900 евра.

Во следните неколку седмици уште подетално ќе го разгледаме новиот Audi e-tron – ќе зборуваме подетално за батериите, за технологиите и дизајнот, како и за перформансите и сите други новитети кои ги носи. Се надеваме дека наскоро ќе пристигне и во Македонија!

Поврзано:  Audi лансира нов бренд кој се вика... AUDI?

Галерија



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.