Премиера: Налудничавиот Lamborghini Aventador SVJ – 770 коњски сили и „стотка“ за 2.8 секунди! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Налудничавиот Lamborghini Aventador SVJ – 770 коњски сили и „стотка“ за 2.8 секунди!

Lamborghini ја претстави најекстремната верзија на Aventador – ознаката SVJ значи дека носи средно-поставен атмосферски V12 кој испорачува 770 коњски сили и нуди вонземски перформанси!

Најекстремниот Lamborghini со средно-поставен мотор на сите времиња ги поместува границите за перформансите – Lamborghini постави рекорд за сериски возила токму со Aventador SVJ, и тоа додека автомобилот уште беше во развој.

Под поклопецот се крие атмосферскиот 6.5-литарски V12 кој сега е дополнително доработен да испорачува 770 коњски сили и 720 Nm вртежен момент. Благодарение на тоа Aventador SVJ се катапултира до 100 километри на час за само 2.8 секунди, до 200 километри на час за 8.6 секунди и постигнува максимални 350 километри на час. Aventador SVJ добива и систем за управување на задните тркала – но уште поинтересен е системот за активна аеродинамика.

Системот е всушност втората верзија на Aerodinamica Lamborghini Attiva (сè звучи подобро на италијански, нели?). Овој систем дебитираше кај Huracan Performante, но верзијата кај Aventador SVJ е уште понапредна. На предниот дел забележувате „крилца“ кои можат да се активираат за помалку од 500 милисекунди. Кога крилцата се отворени коефициентот на отпор се намалува, а со тоа се подобруваат перформансите во права линија. На задниот дел крилцата се затвораат кога ALA системот е исклучен, но можеби најинтересен детал се ALA компонентите функционираат како тунел за воздухот и во зависност од насоката на свиокот насочуваат воздух кон задниот спојлер кој дополнително активира или деактивира крилца – а со тоа се зголемува потисната сила и се подобруваат перформансите во свиоци.

Ќе бидат произведени само 63 примероци, во чест на 1963-тата година, кога приказната за автомобилите на Lamborghini всушност започна. Цената надминува половина милион евра, така да.. Ако сакате, побрзајте!

Поврзано:  Lamborghini не размислува за електричен суперавтомобил


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.