Неодамна во Франција имавме можност да го возиме и новиот Peugeot Rifter – модел кој воведува толку поинаков пристап кон нештата, што луѓето од Peugeot решиле дека заслужува и ново име!
За човек навистина да може да го разбере новиот Peugeot Rifter, треба прво да помине малку време со него. Можеби ќе кажете – „но ова е само уште едно комбе, што има тука толку комплицирано“ – и можеби тоа размислување едно време ќе беше оправдано – но кај Rifter има толку многу новитети, што едноставно, и не е толку едноставно.
Зошто новото име?
Кај новиот Rifter се поставува едно од најтешките прашања. Прашањето е – „како да ги извадиме луѓето на кои навистина им е потребна семејна практичност од нивните големи SUV автомобил и да им понудиме нешто кое вистински ќе ги задоволни нивните потреби?“ Растечката популарност на SUV моделите и незапирливиот раст на продажбата во овие сегменти наметнува малку поинакво размислување – не само што практичниот семеен автомобил треба да биде исто толку привлечен како еден SUV, туку во некои сегменти треба да биде и значително покорисен.
Добредојде, Rifter. Токму со желба да ги привлече купувачите кои имаат активен лајфстајл, францускиот производител ни го покажа новиот Rifter – и да, ова е замена за Peugeot Partner Teepee, моделот кој со сестринскиот модел од Citroen им покажа на купувачите дека „товарното“ возило може да биде многу повеќе од тоа. Но она што денес го имаме пред нас е многу подинамично, многу поинтересно – дури би се осмелиле да кажеме – многу попривлечно.
Rifter изгледа некако… Свежо?
Ајде прво да зборуваме за дизајнот. Веднаш се забележуваат семејните карактеристики на Peugeot – острите предни светла, чистите линии и хоризонталната маска на ладилникот. Но привлечниот дизајн не завршува таму – нема веќе огромни, мазни и здодевени површини – тука преовладуваат деталите, без притоа да бидат пренаметливи. Верувале или не, Rifter е достапен во GT-Line изведба со поспортски браници и алуминиумски фелни – и ова не е евтин маркетингшки трик, туку купувачите самите бараат ваков автомобил. Робустноста е истакната преку пластични заштитни панели и алуминиумски детали – и целиот дизајн изгледа некако свежо и младешки.
Имам големо семејство и практичноста е пресудна – дали Rifter ќе ми ги задоволи потребите?
Да! Вистинските аргументи на Rifter доаѓаат во кабината. Кога ја отворивме вратата нè пречека ентериер кој некако не сме баш навикнати да го очекуваме кај ваквите автомобили. Веднаш се забележува дека инженерите и дизајнерите на Peugeot седнале и убаво размислиле каква треба да биде кабината – од просторност и прегледност, па сè до модуларност и места за одлагање дребулии и ситници – Rifter е подготвен.
Каде да започнеме? Rifter можете да го добиете во две димензии – стандардна и со продолжено меѓуоскино растојание, и обете верзии можат да се добијат со пет или сеудм седишта. Нормалната, „кратка“ верзија има 775 литри багажен простор ако ја искомбинирате со пет седишта, односно монументални 3000 литри капацитет во багажникот ако седиштата се спуштени. Кај подолгата верзија тие бројки се 1050, односно 4000 литри багажен простор!
Понатаму, Rifter е првиот ваков автомобил кој има електрично-задвижувани прозорци во задните врати, а практичноста продолжува со стаклото на вратата од багажникот кое може засебно да се отвори ако сте во тесен паркинг каде нема простор да ја отворите целата врата. Целата врата, патем, може да игра улога на настрешница ако некаде ве фати дожд.
Одиме понатаму – Rifter е првиот ваков автомобил кој добива безжично полнење за мобилни уреди, а во касетата пред совозачот (каде има 12-волтен приклучок) можете да ставите и да полните 15-инчен лаптоп! Секако, дел од приказната е и I-Cockpit кабината на Peugeot – тоа значи полу-дигитални инструменти пред возачот и голем мултимедијален уред со навигација поставен на централната конзола.
Местата за оставање дребулии во предните врати се големи, а многу простор има и меѓу предните седишта бидејќи стандардната рачна кочница е заменета со електронска – која зафаќа многу помалку простор – па таму сега има пештерски-голем простор за складирање дребулии – всушност, околу предните седишта на Rifter има повеќе „багажен“ простор отколку кај некои мали автомобили!
Задната клупа всушност и не е клупа – туку три засебни седишта кои можат да бидат различно наместени, или пак индивидуално преклопени – а тоа гарантира дека ќе можете со вас да ги земете и децата и скиите, или пак даската за сурфање..
Сето тоа звучи супер – какви мотори и менувачи ќе бидат достапни?
На самиот старт, Rifter ќе се нуди со еден турбо-бензински и неколку турбодизел мотори. Бензинецот доаѓа во форма на добро-познатиот 1.2-литарски PureTech кој испорачува 110 коњски сили и 205 Nm вртежен момент. Бензинецот (сега за сега) може да се добие само со рачен менувач со шест степени на пренос.
Доколку сакате турбодизел, имате малку повеќе избор – дизелите доаѓаат во форма на 1.5-литарски BlueHDI со 75, 100 и 130 коњски сили, и во зависност од одбратата верзија можете да добиете мануелен менувач со 6 брзини, или пак нов автоматски менувач со 8 брзини. Ние го пробавме како бензинецот со мануелен, така и најмоќниот турбодизел со автоматски менувач. Бидејќи веќе сме навикнати на мануелни менувачи во оваа класа на автомобили, мораме да кажеме дека EAT8 автоматскиот менувач е вистинско освежување – менувачот работи навистина мазно и го елиминира оноа чувство дека „возиме комбе“ – всушност, таквото чувство е целосно елиминрано кај Rifter.
Како е зад управувачот?
Како што веќе рековме – зад управувачот на Rifter нема да се чувствувате како да „возите комбе“. Ова се должи како на кросоверскиот изглед и став на француското повеќенаменско возило, така и на моторите и менувачите кои имаат одлично распределени степени на пренос. Француските инженери се пофалија дека посветиле внимание и на звучната изолација и на елиминирањето на несакани звуци и вибрации – и иако ова не е луксузен автомобил, сепак е изненадувачки тивко во кабината.
Секако, од ваков автомобил не можете да очекувате спортски карактеристики – па нема ни да ги добиете. Она што ќе го добиете е автомобил кој е лесен за возење, лесен за маневрирање и навистина практичен – и токму тоа е тоа што автомобил од оваа класа треба да го понуди.
Овој другиов Rifter изгледа многу кул. Каква е приказната со него?
Ах, Rifter 4×4! За време на презентацијата, Peugeot го донесе и одличниот 4х4 концепт за Rifter, со кој „ја опипува водата“ кај купувачите. Концептот покрај таа кул боја и жолти детали, добива и повисока суспензија, теренски гуми, заштитни панели, погон на сите четири тркалa – и монтажен шатор на кровот!
Сега за сега е концепт – но кога ги прашавме нашите домаќини од Peugeot дали 4х4 концептот ќе оди во сериско производство, и дали всушност ова значи дека Peugeot понатаму ќе направи и други изведби на Rifter, добивме „политички“ одговор – „Peugeot не прави вакви возила туку-така.“ Читајќи меѓу редови, тоа значи дека Rifter 4×4 ќе ја здогледа светлината на денот.
Но отидовме чекор понатаму и по малку „досаѓање“ нашите домаќини ни дозволија да го повозиме концептот и подобро да го запознаеме. Кај него ги имаше сите оние практични моменти и детали кои Rifter секако ги добива, но повисоката суспензија и теренските гуми го прават да изгледа некако поробустно, поавантуристички. Секако, времето со концептот ни беше навистина ограничено, па не можевме самите да ги пробаме неговите теренски способности, но несомнено – сите го вртеа погледот по концептот, а реакциите по социјалните медиуми се навистина позитивни. Одлуката на Peugeot да го понуди Rifter 4×4 во сериско производство е сосем разбирлива.
Значи…
Значи, новиот Peugeot Rifter сосем успешно го оправдува новото име. Да бидеме искрени – да се понуди ново име кога веќе со години постои друго, популарно име навестува дека луѓето од Peugeot се навистина убедени во квалитетите на продуктот – а и ние самите имавме можност да се увериме во тоа. Во ред, ќе признаеме дека борбата со популарните SUV модели не е лесна, но кога на „проблемот“ ќе му се пристапи со уверлива доза рационалност, просторност и пред сè – практичност, многу едноставно се прифаќаат аргументите на Peugeot.
Одлуката на Peugeot во овој сегмент да понудат одлични и секојдневно-корисни решенија кои се она што навистина му е потребно на семејство со активен животен стил е за полн погодок. Модерниот дизајн, практичноста и економичноста се само дополнителни силни аргументи. Всушност, Rifter треба наскоро да пристигне и кај нас – па ќе можете и самите да се уверите во неговите таленти.