ВОЗЕВМЕ: Се запознавме со новиот Ford Focus во јужна Франција! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Се запознавме со новиот Ford Focus во јужна Франција!

Популарниот хечбек на Ford влегува во својата четврта генерација, а ние имавме одлична и ексклузивна можност меѓу првите во светот да го возиме токму новиот Focus.

Товарот на класата на автомобили во која припаѓа Focus е голема. Токму овие автомобили треба да го понудат најдоброто од сите категории – односно, да бидат и практичен семеен транспортер, но да бидат и возило за секој ден, па и возило за забава. Приоритетите на секој купувач се различни и па токму затоа автомобилите во овој сегмент треба да бидат навистина мултиталентирани – а тоа не е баш лесно.

Четвртата генерација на Ford Focus пристигнува со многу, многу новитети. Всушност, луѓето од Ford со кои зборувавме кажуваат дека ова не само што е целосно нов автомобил, започнат на „празен лист хартија“, туку истовремено е најдобриот Focus на сите времиња, а можеби и најдобриот автомобил кој компанијата некогаш воопшто го има направено. Големи зборови.

Првиот контакт со новиот Focus го имаме близу до аеродромот во Ница. Пред нас се околу 20-тина автомобили во неколку различни изведби – тука е очекуваниот Titanium кој е „наследник“ на обичниот Focus, а потоа достапни ни се и луксузниот Focus Vignale, спортскиот Focus ST-Line, но и караванската изведба на ST-Line.

Ден 1 – Focus ST-Line 1.5 EcoBoost

Успеав да ги зграбам клучевите од еден од сините примероци – спортскиот ST-Line – и веќе сме подготвени да тргнеме. Веднаш се забележува дека новиот Focus е некако… Созреан. Всушност, можам да кажам дека приказната многу наликува на онаа кога го имав првиот контакт со новата Fiesta – сè ми е многу добро познато и дефинитивно се чувствувам како да сум во Ford, но истовремено се околу мене е подобро, посозреано, попријатно…

Навистина современ дизајн – Focus ST-Line изгледа одлично!

Сепак, ајде прво да зборуваме за дизајнот. Со оваа генерација дизајнерите на Ford го искинаа „правилникот“ за дизајн на Focus и ни нудат целосно нов дизајн. Велам целосно – тука сепак има некои препознатливи детали, како што се острите предни светла, на пример – но дизајнот е вистинска отстапка од она што досега сме го гледале кај Focus. Дизајнот на Focus низ годините менуваше насока – од авангарден минуваше во конзервативен, од конзервативен во футуристички – но сега Focus е дефинитивно современ и забележлив.

Особено (очекувано, нели…) ми се допаѓа спортската ST-Line верзија – поагресивните браници и странични прагови, задниот браник со двојниот завршеток на издувниот систем и дискретниот заден спојлер ми се баш по мерка. Единствено можеби би одбрал број поголеми тркала – 17-инчните фелни со кои беше опремено возилото изгледаат добро, но дефинитивно „трпи“ број-два поголеми.

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

Во секој случај, дизајнот е поларизирачки – храбриот пристап на дизјнерите резултира со лик кој изнудува коментари и бара две-три гледања пред „да легне“ – но кога ќе легне, пред нас е еден од визуелно-најдинамичните автомобили во класата. Плус, многу добро му стои оваа сина боја!

Созреана кабина со квалитетни материјали

Она што навистина импресионира кај новиот Focus е преработениот ентериер. Продолженото меѓуоскино растојание резултира со повеќе простор во кабината без да биде зголемен „отпечатокот“ на Focus. И навистина е така – во кабината се чувствува дека има повеќе простор, како на предните, така и на задните седишта.

Инженерите и дизајнерите на Ford гордо ни кажуваат дека бројката на физички копчиња е намалена за 30-тина проценти, но сепак оние најважните функционалности (како што се клима уредот и аудио уредот, да речеме) имаат физички контроли. Квалитетот на материјалите е скалило погоре од она што досега го добивавме кај Focus и со задоволство можеме да кажеме дека сега кабината на германскиот хечбек е меѓу најдобрите во класата.

Лесно се наоѓа комфорна возачка позиција а полу-кожните спортски седишта кои доаѓаат сo ST-Line пакетот нудат сосем доволно странична поддршка и изгледаат одлично. Прегледноста е сосем добра, а за оние ситуации кога треба малку помош тука се паркинг сензорите и камерата. Одличен новитет е и Head-Up дисплејот кој за прв пат се нуди во оваа класа, а ќе го пофалиме и новиот SYNC мултимедијален уред кој нуди навигација, Bluetooth поврзување и уште многу функционалности.

Моќен турбо-бензинец!

Нашиот Focus ST-Line под поклопецот носи 1.5-литарски EcoBoost турбо-бензинец кој испорачува 182 коњски сили и 240 Nm вртежен момент. Тоа резултира со спринт до 100 километри на час за 8.3 секунди и максимални 222 километри на час. Интересно – моторот е со три цилиндри, но во секојдневно возење никогаш нема да го приметите тоа. Карактеристичниот звук на трицилиндерските мотори е успешно маскиран, а дури забележуваме и спортска нота од издувниот систем.

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

Во комбинација со 6-степениот мануелен менувач, вистинско задоволство е да се вози вака-опремениот Focus. Бидете во вистинскиот степен на пренос и моторот реагира подготвено и ентузијастички, и испорачува сила во вистинскиот момент. Системите за стабилност интервенираат дискретно – па во Focus (како и секогаш) можеме навистина да се забавуваме.

Всушност – тоа секогаш била една од најважните карактерни особини на Focus – подготвеноста да понуди забава. И таа традиција не е напуштена – Focus повторно е еден од најзабавните автомобили за возење во класата. Серво-управувањето (како и секаде) не пренесува нешто премногу информации од подлогата, но затоа е прецизно и директно како кај скоро никој друг автомобил.

Едноставно насочете го Focus онаму каде сакате да одите и тој без приговор ќе ги изврши вашите команди. „Префрлањето“ од еден свиок во друг (дури и при не-баш-најкултурни брзини) е флуидно и лесно, сопирачките се моќни и лесно се дозираат – и едноставно, Focus е забавен автомобил!

Како што се наближува крајот на денот, пристигнуваме во нашиот хотел. Време е за малку одмор, а потоа ќе седнеме зад управувачот на нешто друго…

Ден 2 – Focus Titanium 1.5 EcoBlue

Вториот ден започнува рано наутро. Француските кроасани се неизбежен дел од појадокот, но веќе е време да започнеме да возиме. Овој го избравме Focus Titanium, опремен со 1.5-литарски TDCi (по ново EcoBlue) турбодизел кој испорачува 125 коњски сили и автоматски менувач.

Titanium е вистинскиот наследник на Focus

Focus Titanium е всушност „наследник“ на Focus кој добро го познаваме. Ова е „најцивилната“ изведба и очекуваме токму Titanium да биде најпопуларен кај нас, особено со одличниот 1.5-литарски турбодизел. Се сместуваме во автомобилот и веднаш се забележува различниот карактер од оној на ST-Line.

Ако во ST-Line деталите беа спортски, тука се повеќе насочени кон секојдневните практичност и комфор. Интересен момент е автоматскиот менувач кој се контролира преку „тркалце“ а не преку конвенционална рачка. Ова ослободува простор во централната конзола, а и кул е за користење, па немам замерки.

Започнуваме да се движиме, и веднаш се истакнува добро-познатиот 1.5-литарски TDCi турбодизел со 120 коњски сили. Малиот турбодизел кој одлично се покажува и во поголемиот Mondeo, токму во Focus всушност е „на свој терен“. Сосем лесно го задвижува автомобилот а во комбинација со автоматскиот менувач резултира со релаксирано и мирно возачко искуство.

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

Релаксирано возење благодарение на 8-брзинскиот автоматски менувач

Да, секогаш ја имам опцијата да ја преземам контролата „во свои раце“ и со лопатките поставени на управувачот самиот да менувам брзини, но сакав да ја откријам помирната страна на Focus – па го оставив менувачот самиот „да си брка работа.“

Во суштина, 8-брзинскиот автоматски менувач одлично се снаоѓа во скоро сите услови – како низ град, така и на отворен пат. Кога на отворен пат треба да престигнете некого, само стиснете ја педалата за гас и за неколку милисекунди менувачот ќе отиде во понисок степен на пренос а вие ќе ја имате целата моќ која ви е потребна.

Економичен турбодизел со задоволителни перформанси.

Инаку, 1.5-литарскиот EcoBlue турбодизел нуди респектабилни перформанси и одлична економичност. Стотка постигнува за рамно 10 секунди (односно 10.2 со автоматскиот менувач) а максималната брзина е 196 километри на час. Според официјалните податоци во комбинација со автоматскиот менувач просечната потрошувачка е 4.3 литри на 100 изминати километри – нас борд-компјутерот ни покажа нешто повеќе – околу 6 литри во нормални услови на возење, односно околу 7 литри кога навистина „стиснавме“ – но тоа се повеќе од респектабилни бројки.

Новиот Focus не само што ги исполнува очекувањата, туку успева и да ги надмине!

Полека но сигурно нашето време со новиот Focus се наближува кон својот крај. Им ги враќаме автомобилите на нашите домаќини и разменуваме впечатоци со колегите – и сите зборови се универзално позитивни. Во ред, сите имаат по некои ситни забелешки, но на крајот сам по себе се наметнува заклучокот дека новиот Focus не само што ги исполнува очекувањата, туку успева и да ги надмине.

Дизајнот е современ, кабината е скалило погоре од она што досега го добивавме а моторите се моќни и економични – а сето тоа резултира со привлечен автомобил кој успешно ја продолжува приказната. Со нетрпение го очекуваме новиот Focus да пристигне во Македонија!

Видео

Галерија



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.