Дали правилно го користите клима-уредот во вашиот автомобил? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Дали правилно го користите клима-уредот во вашиот автомобил?

Летото е во полн ек, а ние секојдневно ги користиме клима-уредите во нашите возила – но дали го правиме тоа правилно? Нашите пријатели од SEAT ќе ни дадат неколку совети!

Според истражувања кои ги имаат направено луѓето од SEAT, разликата меѓу 25 и 35 степени во автомобилот може да влијае на времето потребно за реакција и до 20%, односно да има сличен ефект како да имате 0.05% алкохол во крвта. Со оглед на тоа дека надворешните температури веќе редовно надминуваат 30 степени според Целзиус, клима-уредите се навистина од круцијално значење.

1. Отворите за вентилација треба да бидат насочени нагоре.

Клима-уредот треба да дува нагоре, а не во вашето лице. Вака ладниот воздух ќе биде правилно дистрибуиран низ целиот автомобил – дури и кај патниците на задната клупа.

2. Активирајте ја Auto функцијата.

Оставете го системот самиот да одлучи што да прави со воздухот. Ако цело време системот за рециркулација на воздухот е вклучен, може да се случи да се замаглат прозорците и да се намали видливоста. Користете ја функцијата Auto – доколку ја имате, секако.

3. Не го пуштајте клима уредот „на најјако“ веднаш кога ќе влезете во автомобилот.

Кога ќе влеземе во автомобилот, често сме во искушение да го пуштиме клима-уредот на максимум – но тоа е погрешно. Вклучување на клима уредот без претходно да се отворат прозорците ќе резултира со едноставно рециркулирање на веќе-врелиот воздух. Наместо тоа, отворете ги вратите или прозорците минута до две пред да го вклучите клима уредот.

4. Редовно менувајте го филтерот за воздух во кабината.

За протокот на воздух во кабината да биде правилен, но и за воздухот да биде што е можно почист, редовно менувајте го филтерот за воздух во кабината. Од SEAT препорачуваат тоа да го правите на секои 15.000 километри.

5. Користете го клима уредот и наутро, ако е потребно.

Некои утра можеби се свежи, но има и утра кои се навистина топли. Немојте да се воздржувате – кога чувствувате потреба, користете го клима уредот, особено ако вашиот автомбил има „впиено“ топлина.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.