Малиот Aston Martin Cygnet не беше ништо друго освен Toyota IQ во пофенси костум – но што добивате кога клиент со доволно длабоки џебови ќе нарача верзија со V8 и погон на задните тркала?
Секогаш подготвени за предизвик, инженерите од Aston Martin се фатија за работа – па малиот, 1.3-литарски четири-цилиндерски бензинец е изваден, а на негово место е набиен 4.7-литарски V8 од Aston Martin Vantage S. Дополнително, од Vantage е преземен ид Speedshift II автоматскиот менувач, а силата се пренесува кон задните тркала.
Трансформацијата е прилично сериозна – од оригиналните 97 коњски сили, сега малиот Cygnet има дури 430 коњски сили, но зголемена е и тежината – и тоа од 1000 на 1375 килограми. Во ред, додаени се и нови сопирачки, шасијата е целосно модифицирана, а тежината е идеално распределена во однос 50:50. Перформанси? Спринтот до 100 километри на час трае 4.2 секунди, а максималната брзина е 274 километри на час.
Како сето тоа звучи и изгледа? Погледнете.