Родендени се важна работа – особено оние јубилејните. Родендените ја покажуваат истрајноста и посветеноста, а ние имавме можност да присуствуваме на прославата на 70-тиот роденден на Porsche Спортските Автомобили!
Прослава на Porsche трае цел месец! Ширум светот, германскиот производител на спортски (па и супер-спортски и хипер-спортски) автомобили целиот овој месец го посвети на прославување на 70-годишнината од претставувањето на својот прв автомобил – моделот 356 No. 1. Сега, 70 години подоцна, Porsche прерасна од мал и амбициозен производител во глобален бренд и своевиден бенчмарк за сите други вакви автомобили.
Прославата наменета за бренд-амбасадорите и медиумите од централна и источна Европа се одржуваше во Полска, поточно на Silesia Ring, околу 120 километри југоисточно од Вроцлав. Silesia Ring е прекрасна тркачка патека специјално дизајнирана да го извлече максимумот од секој спортски автомобил, па одлуката токму тука да се одржи прославата е полн погодок.
Сепак, нашата прослава започна во Вроцлав – а приказната стартуваше околу 8 часот наутро кога по краткиот брифинг околу возењето ни беа презентирани „нашите“ автомобили. На плоштадот во Вроцлав нè пречекаа сите автомобили од тековната гама на Porsche – од „малите“ 718 Boxster и Cayman, преку легендарниот 911, па сè до Macan и новите Cayenne и Panamera. Случајните минувачи на плоштадот се вртеа по автомобилите исто како и ние – и некако, како да ни завидуваа.
Route 1 – Macan Turbo со Performance Package
Нашата рута за тој ден беше долга вкупно околу 300 километри, со неколку застанувања и промени на автомобили. Првиот автомобил кој „ми се падна“ беше Macan Turbo со Performance Package. Во превод, тоа значи 440 коњски сили и 600 Nm вртежен момент кои се пренесуваат кон сите четири тркала, а пренесено во перформанси тоа значи 100 километри на час за 4.4 секунди и максимални 272 километри на час.
Првиот дел од возењето нè носи од Вроцлав кон зелени делови на Полска од кои застанува здивот. Комбинацијата од долги правци и кривулести патишта успева да го покаже Macan во вистинско светло. Всушност, веќе еднаш кажавме дека чувството зад воланот на Macan не е како во SUV, туку како во многу компетентен хот хеч со мааааалку повисока суспензија. Ако Porsche правеше хот хеч, сакаме да мислиме дека ќе беше Macan, само доближен до подлогата.
Неутралноста со која Macan ги совладува свиоците ги сокрива неговите „теренски“ гени на начин кој едноставно мора да се проба за да се разбере. На секој правец тие 440 коњски сили се будат, а секој свиок само ги докажува спортските карактерни особини кои Porsche ги развива 70 години.
Route 2 – 911 Carrera 4 GTS
По околу стотина километри, пристигнуваме до првото место за пауза, и од Macan се префрлам во 911 Carrera 4 GTS. По минатогодинешното искуство на Istanbul Park со целата гама на Porsche, морам да признаам дека токму Carrera GTS е мојата омилена изведба на 911. Да, 911 Turbo S е помоќен и монументално брз во сите услови, а тврдокорните GT3 и GT3 RS се направени да доминираат на тркачките патеки – но токму 911 Carrera GTS е „златната“ средина која успева да го погоди идеалниот баланс меѓу леснотијата за секојдневно користење и клиничката прецизност на тркачките изведби.
Бонус поени – мојата 911 Carrera GTS е кабриолет! Седнувам зад управувачот и веднаш се чувствувам како да припаѓам таму. Како дома. Го ставам менувачот во Drive и инстантно започнувам да уживам во сензациите. Директниот управувач ги пренесува сите информации од асфалтот (кој не секогаш е баш идеален), звукот од зад мене прави да ми се исправат влакната на рацете, а оноа старото клише за „ветерот во косата“? Чиста вистина! Префрлам во Sport, па во Sport + и мојот GTS станува сè поостар и поостар. Токму во 911 се гледа што значи 70 години непрекинат развој и непрестанат стремеж кон усовршување. Од генерација во генерација, 911 станува сè подобар и подобар – а оваа најновата? Пфф, тешко е да се најдат зборови.
Во гамата на 911, Carrera 4 GTS значи 450 коњски сили, 3.8 секунди до 100 километри на час (односно 3.7 со Sport Chrono) и 308 километри на час. Ајде уште еднаш – 3.8 секунди! Ајде да броиме – еден, два, три, 100! Тоа се бројки кои до пред неколку години беа резервирани за хипер-автомобилите, а сега… Секое притискање на педалата за гас резултира со инстантна и експлозивна реакција, а хоризонтот некако како да ми се доближува.
911 GTS самоуверено граби од еден свиок во друг, секое повлекување на рачките од менувачот резултира со инстантна промена на степен на пренос а сопирачките при секое притискање како да се на мисија да ми ја одлепат кожата од черепот.
Route 3 – Panamera 4 E-Hybrid Sport Turismo
По околу час и половина и околу 120 километри поминати со Carrera GTS, време е повторно да направиме пауза и повторно да го сменам автомобилот. Овој пат „се селам“ во Panamera 4 E-Hybrid Sport Turismo – новата „караванска“ изведба на Panamera – и тоа со еден од најпопуларните погони. Хибридниот погон нуди вкупно 462 коњски сили и 700 Nm вртежен момент благодарение на комбинацијата од твин-турбо V6 бензинец и електромотор. Резултат на оваа комбинација се 100 километри на час за 4.6 секунди и максимални 275 километри на час.
Го продолжуваме патот и пред нас е комбинација од автопат каде можевме да ги „оптегнеме нозете“ на Panamera и да видиме како се однесува и на повисоки брзини (во рамки на дозволените граници, секако), но и регионален пат со свиоци каде можев и самиот да се уверам во real-world динамичноста на Panamera. Во ред, Panamera е голем и тежок автомобил (тежи 2265 килограми) – но оние добрите 911 гени веднаш се препознаваат – и всушност, ако Porsche правеше 911 со четири врати, најверојатно ова ќе беше тоа.
Видео
Пристигнавме на Silesia Ring
Конечно, Silesia Ring! Како што се наближувавме до Silesia Ring, почнавме да забележуваме сè повеќе и повеќе Porsche автомобили. Поканетите гости со своите возила пристигнуваа „на местото на настанот“ и се впуштаа во роденденската атмосфера.
Нашите домаќини од Porsche имаа подготвено одлична програма за сите присутни – од драг-тркање со 911 Turbo S, преку мала слалом-патека со 718 Boxster GTS, па сè дo Cup тркачки автомобили, симулатори на возење, возење на патека со разни модели, па и дрифт на кал во новиот Cayenne!
Сите овие „активности“ имаа една единствена цел – да ги демонстрираат можностите и талентите на возила на Porsche, но во контролирани и безбедни услови. Сепак, импресивно беше да се види како на (многу) мокра патека 911 Turbo S е подготвен да ги оствари оние 2.8 секунди до 100 километри на час. Можеби најимпресивни беа 911 GT3 Cup тркачките возила во кои можевме да се повозиме и да осетиме како е навистина да се седне во тркачки автомобил.
Попладнето го дочекавме со пороен дожд – но тоа не значеше дека забавата мора да престане. Напротив, тоа беше идеална можност да се испроба како е да се „дрифта“ со новиот Cayenne во „кал до колена.“ Големиот и моќен SUV ги искористи сите свои таленти за да понуди забава која едноставно не би ја правеле никаде на друго место.
Да, колата е сина.
За фановите на Porsche (а таму немаше човек кој не е фан на Porsche) особено интересна беше изложбата на историските модели на брендот – од првиот 911, преку Carrera RS, 930 Turbo, новиот 911 R па сè до супер-моќната и супер-ретка Carrera GT – изложени беа модели кои држат посебно место во срцето на секој вљубеник во автомобилите.
Беше безмалку нереално да се биде во присуство на толку многу историски-значајни автомобили. Сензациите околу нив е тешко да се опишат – од мирисот и текстурата на старите 911-ки, па сè до звукот на моќниот (и со потекло од Formula 1) V10 на Carrera GT.
Меѓу гостинските автомобили имаше вистински скапоцени камења – меѓу другото забележавме и оригинален Porsche 356, прекрасни примероци на 993 и 930, неколку примероци на Cayman GT4, па и пар супер-широки изведби на RWB! Сите кои беа таму уживаа во своите автомобили, но и во автомобилите на своите пријатели и другите фанови на Porsche. Сите беа подготвени да зборуваат за својата историја со брендот и за својата љубов кон Porsche – сите беа во духот на роденденот на Porsche и сите беа подготвени да слават.
Прославата траеше цел ден, и на крајот на вечерта кулминираше со (ни помалку ни повеќе) „приватен“ концерт на култните Jamiroquai. Фронтменот на Jamiroquai – Jay Kay – за време на концертот зборуваше за својата љубов кон автомобилите и љубовта кон Porsche – всушност тој и самиот е сопственик на 2.7 Carrera RS.
Од ѕидовите на детските соби…
По сето ова – можам да кажам само – Среќен Роденден Porsche! Иако компанијата е основана во 1931-вата година, сепак продажбата на првиот автомобил во 1948-мата година се смета за вистинскиот роденден на Porsche, па токму затоа годинава Porsche слави 70 години спортски автомобили.
Porsche прерасна од мала компанија во сериозен глобален играч, и докажа дека внимателната еволуција и исклучителното внимание посветени на деталите се победничкиот рецепт. Од Porsche гордо кажуваат дека за овие 70 години имаат повеќе од 30.000 победи на разни натпреварувања, и дека искуствата од тркачките патеки континуирано ги пренесуваат во своите автомобили.
Сето тоа.. Сето тоа резултира со автомобили кои заслужуваат да бидат на ѕидот на некоја детска соба и автомобили за кои мечтаевме кога бевме мали деца. Јас мечтаев, и сега сум горд и среќен што можам Вам да ви го пренесам искуството од роденденската прослава на Porsche Спортските Автомобили!
Тешко е да се најдат зборови кои ќе го опишат искуството. Погледнете ги фотографиите и нашата видео-репортажа, и очекувајте уште материјали. Во меѓувреме – Среќен роденден, Porsche Sportscars!