CARclub.mk & IT.mk: Поминавме малку време со Tesla Model X! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

CARclub.mk & IT.mk: Поминавме малку време со Tesla Model X!

Со оглед на популарност (но и контраверзноста) на Tesla, едноставно не можевме да ја пропуштиме шансата да поминеме малку време со Model X.

Кога другарите од IT.mk ни понудија заедно да направиме една сторија за Tesla Model X, со задоволство прифативме – секогаш е кул да соработуваме со други македонски медиуми, а и можноста да се повозиме во Model X не се пропушта!

Ако кажеме дека Tesla е во лимбо, нема да кажеме доволно. Пред само неколку дена се појавија гласини дека дури една четвртина од дадените депозити за Model 3 биле вратени – односно дека четвртина од купувачите се откажале од нарачките. Со оглед на тоа дека токму Model 3 требаше да биде автомобилот кој ќе го доближи Tesla до пошироките народни маси, ова е малку обесхрабрувачка вест, па макар и нека е само гласина.

Не смееме да ги заобиколиме проблемите со кои се соочува Tesla. Од проблеми со квалитетот на завршната обработка, па сè до доцнење со пуштање на Model 3 во сериско производство, скоро секојдневно слушаме по некоја не-баш-толку-убава работа за производителот на електрични автомобили.

Но сепак – тука сме да поминеме неколку часа со Tesla Model X, која ја имаме за дружење благодарение на Македонски Телеком. Сосем е разбирлива, и ја поздравуваме одлуката на Телеком да набави ваков несекојдневен, модерен, хај-тек автомобил, и секако – им благодариме за можноста да го разгледаме одблиску автомобилот. Сепак автомобилите на Tesla се ретки кај нас, па со задоволство ја искористивме шансата.

Model X е изненадувачки голем!

Она што нè изненади при првиот контакт со Model X е големината на автомобилот. Сериозно, на фотографии е тешко да се препознае колку е всушност голем Model X. Во ред, сепак се работи за автомобил кој е некаква комбинација меѓу SUV и миниван, па димензиите се сосем коректни – но перцепцијата која ние во Европа ја имаме за електричните возила е дека тие се мали, компактни градски превозни средства – ова е нешто сосем различно.

Нашето време поминато со Model X започнува во центарот на Скопје, во зградата на Телеком. Нашиот придружник ни покажа како изгледа полначот и како изгледа процесот на полнење, па се „натоваривме“ во автомобилот и започнавме да се движиме.

Поврзано:  Денови на електромобилност во East Gate Mall

Како и секој пат, искуството е навистина несекојдневно – тишината и рафинираноста се ненадминливи. Едноставно, нема мотор со внатрешно согорување кој ќе создава бучавост и ќе вибрира – единствено се слушаат пригушениот, некаде-таму-далеку звук од електромоторот и бучавоста од гумите. Ентериерот е широк и комфорен, со многу, многу светлина благодарение на голееееееемото ветробранско стакло, а Tesla успева да ги надмине стереотипите за тоа како треба да изгледа и да функционира една автомобилска кабина.

Супер-фенси централен дисплеј со премногу компромиси околу ергономијата

Тоа е најзабележливо токму во централната конзола, односно тој големиот дисплеј преку кој се контролираат сите аспекти на автомобилот. Изгледа фенси, секако – но ергономијата не му е најсилната страна. Вистински проблем – како и кај сите нови огромни мултимедијални уреди – е дека треба да го тргнете погледот од патот за да ги користите командите, а тоа е непрактично и небезбедно.

Од друга страна, познавачите на автомобили веднаш ќе ги препознаат прекинувачите за отворање и затворање на прозорците и „ракетите“ околу управувачот – тие доаѓаат директно од Mercedes-Benz. Мораме да забележиме и на завршната обработка кај Tesla Model X – тука се препознава дека Tesla сепак сè уште е „млад“ производител – едноставно, конечниот fit & finish не е на ниво на конкурентите со кои сака да се натпреварува.

Вистинскиот „party piece“ на Tesla Model X се вратите. Да, да, оние врати. Навистина, навистина изгледаат кул – но исто така, навистина им треба многу време да се отворат и да се затворат. Ако треба секојдневно да го користите автомобилот, може по некое време да ви здодее чекањето. Инаку, благодарение на големината на задните седишта има сосем доволно место за двајца, па и тројца патници. А и седиштата изгледаат кул!

Поврзано:  Денови на електромобилност во East Gate Mall

Очекувано – перформанси од кои застанува здивот!

Перформансите – како што и очекуваме – го запираат здивот. Верзијата со која се возиме ја носи ознаката 75D, а тоа значи батериски модул од 75 kWh, погон на сите четири тркала, 328 коњски сили и инстантно-достапни 525 Nm вртежен момент. Преведено во перформанси тоа значи „стотче“ за 5.2 секунди и електрична автономија од околу 330 километри. Во реалниот свет таа бројка е нешто пониска, но сепак повеќе од доволна за секојдневна корисност.

Она што не е баш практично е недостатокот на полначи во Македонија – па со тоа се ограничува и реалната корисност на подолги релации. Ако го користите Model X само во Скопје – во ред, не е проблем, но ако сакате да отидете некаде подалеку треба внимателно да планирате.

Полека-полека, нашите неколку часа со Tesla Model X привршуваат. Немавме можност да отидеме некаде подалеку, но сепак е интересно да се видат реакциите на Скопјани кога ќе го здогледаат несекојдневниот автомобил. Вака брендиран, „телекомскиот“ Model X го привлекува вниманието на сите. Чувството во него е некако.. Футуристички, како да доаѓа од иднината, иако е тука, сега, со нас. Сепак, секој пат кога ќе поминеме малку време со електричен автомобил си потврдуваме дека несомнено – иднината е електрична.

Видео

Галерија

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.